Со документарецот „Нашата временска машина“ стартува Летното кино на МСУ

42

На тремот пред Музејот на современата уметност во Скопје, на 17 јуни, во 21 часот, започнуваат проекциите од филмската програма на Летното кино во рамки на оваа институција. Притоа, во наредните четири месеци, во склоп на Летното кино кое се реализира под отворено небо, публиката ќе има можност да проследи десет креативни документарни филмови.

„Станува збор за внимателно избрани филмови, кои во себе, не носат само дидактичка нишка, туку на повеќе нивоа ги отвораат прашањата поврзани со животот и делата на уметниците, општествените и егзистенцијални теми, како и предизвиците на создавањата на делата и раководењето на музеите во 21 век“, вели Дарко Набаков, одговорен за филмската програма во МСУ.

Летното кино ќе биде отворено со кинеско-американскиот документарен филм „Нашата временска машина“ (2019) од режисерите Yang Sun и S. Leo Chiang, остварување кое го следи создавањето на проектот на влијателниот кинески уметник Малеон. Кога Малеон ќе дознае дека татко му, реномиран директор на пекиншката Опера има Алцхајмерова болест, знае дека нема уште многу време. Нивниот живот заедно и спомените набргу неповратно ќе исчезнат. Сакајќи да извлечат најмногу што можат од ситуацијата, тргнуваат на едно неверојатно патување и така почнува нивната соработка на еден впечатлив, волшебен и автобиографски сценски перформанс. Сценариото е на S. Leo Chiang и Bob Lee, а музиката на Paul Brill. Филмот прикажува повеќеслојна медитативна уметност на агонијата на загубата и љубовта, како и кругот на животот. Досега е прикажан на повеќе значајни светски филмски фестивали и добитник е на многу награди.

Во рамки на Летното кино следната проекција е закажана за 24 јуни, кога ќе биде прикажан филмот „Музејски град“ (Museum Town) на режисерката Џенифер Треинер, една од основачките на Музејот за современа уметност во Масачусетс/MASS MoCA.

Инаку, сите проекции на Летното кино на МСУ ќе се одвиваат на отворениот трем на музејот со почеток од 21 часот, влезот е слободен, а капацитетот е ограничен на 50 седишта, со почитување на протоколите за спречување на ковид-19.