Со возило на пазар – овошјето и зеленчукот зачинети со олово, сулфур и прашина

660

Скопјанка која често пазари на ова пазарче додава дека возила се паркираат во два реда, а поради непрописно паркирани не можат да се разминат ниту пешаците. – Паркираат автомобили буквално пред тезгите. А за да излезеш од паркингот до пазарчето мора да свртиш кружно и да го поминеш пазарот, вели таа. 

И од Град Скопје и од Општина Карпош, на чија територија се наоѓа пазарчето, се прогласуваат за ненадлежни префрлајќи ја одговорноста на АД „Скопски пазар“. Оттаму, пак, велат дека единствено решение е да профункционира рампата на влезот од паркингот  

Нерешениот пристап до пазарчето во Тафталиџе претставува опасност не само за купувачите, туку за продавачите. Врвулицата од возила, реагираат жителите, предизвикува сообраќаен хаос при што ги доведува во опасност нивните животи.

Ангел Зафировски вели дека треба да се забрани кружењето со возила на ова пазарче и тој простор да служи само за тезги со продукти. Ленче Даниловска на фејсбук групата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ коментира дека е крајно безобразно тоа што му  е направено на пазарчето во Тафталиџе.

– Реално е да се преименува во паркинг „Тафталиџе“ или кружен тек „Тафталиџе“. Има невиден сообраќаен метеж како во Центар, а овошјето и зеленчукот пие олово, сулфур и прашина – реагира таа и додава дека и сопствениците на тезгите раскажуваат и за сопствени повреди, како тркало од автомобил кое им поминало врз ногата, поради постојаниот тек на возила на само неколку сантиметри од тезгите – вели Даниловска.

За Мирјана Глигорова, пак, постојниот пазар е еден од најлошо организираните пазари во Скопје.

– Постојано си на штрек поради возилата зад тебе. Особено е тешко за повозрасните луѓе, кои се побавни, им треба поширок и побезбеден простор за пазарење – коментира Глигорова.

Скопјанка која често пазари на ова пазарче додава дека возила се паркираат во два реда, а поради непрописно паркирани не можат да се разминат ниту пешаците.

– Паркираат автомобили буквално пред тезгите. А за да излезеш од паркингот до пазарчето мора да свртиш кружно и да го поминеш пазарот – вели таа. 

Маја Масри, пак, смета доколку тезгите се свртени кон внатрешниот дел на пазарот, наместо кон улицата, нема да има повреди.

Некои од жителите за ваквата состојба испратиле забелешка до градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, повикувајќи и другите да испратат за да се реши проблемот.

– Овие прашања треба некој да ги покрене на Совет на Карпош. Независните советници треба да изградат канал за комуникација со граѓаните или во спротивно се ќе се сведе на фејсбук апели, кои можеби и никој нема да ги прочита – смета Даниел Аврамов.

И од Град Скопје и од Општина Карпош се прогласуваат за ненадлежни, префрлајќи ја одговорноста на АД „Скопски пазар“.

-Град Скопје не е надлежен за пазарот во Тафталиџе. Во согласност со катастарски документ, истиот е во сопственост на приватна компанија АД „Скопски пазар”. Во однос на уредувањето и стопанисувањето во внатрешниот дел обврската е исклучиво на компанијата – одговорија градските власти.

И од Општина Карпош со идентичен одговор дека немаат никаква надлежност на таа локација и дека за тоа треба да се обратиме до „Скопски пазар“. Оттаму, пак, вината за ваквата состојба со пазарот во Тафталиџе ја префрлаат на несовесните станари од блиските згради кои ги оставаат своите возила.

–  Ги паркираат автомобилите на паркингот кој е наменет за потребите на „Скопски пазар“. Паркираат и непрописно, па дури не може да помине и возило на „Комунална хигиена“ за да го собере ѓубрето. Некој има потреба да паркира на паркингот до пазарот, но е спречен. Нема разбирање. Се обративме и до Општина Карпош за да преземе мерки и до МВР и до Пазарна инспекција, состојбата повторно е иста – велат од „Скопски пазар“.

Оттаму велат дека единствено останува да профункционира рампата на влезот од паркингот, за што се во преговори.

(А.П.) – Фото: Ѕвонко Плавевски