Со „Болка и слава“ се отвори 40. „Браќа Манаки“

331

Јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Центарот за култура во Битола се отвори вечерва со најновиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Болка и слава“, остварување кое е дел од главната фестивалска конкуренција – Компетиција Камера 300.

Шпанското остварување, чиј сценарист е Алмодовар, е автобиографска визија за него како човек и уметник, а во него улогите ги толкуваат светски познатите актери Антонио Бандерас, Пенелопе Круз, како и Нора Навас.

На проекцијата присустуваше кинематограферот на филмот, Хозе Луис Алкаине, кој е и прв пријател на Алмодовар, а воедно и лауреат на „Златна камера 300“ на 34. издание на фестивалот во 2013 година.

Фестивалот за отворен го прогласи македонскиот претседател Стево Пендаровски, а отворањето го збогати перформансот на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, кој претставуваше своевидно синематично доживување во кое и публиката беше вклучена како актер, како еден фрејм од филм.

Свеченото отворање, како и секое претходно, започна со познатите црно-бели снимки од почетокот на 20 век на првите филмски сниматели на Балканот, браќата Милтон и Јанаки Манаки. Воедно, пред публиката беше прикажана мала ретроспектива на фестивалот низ годините.

Свои обраќања на свеченото отворање имаа Наташа Петровска, градоначалничка на Битола, Хусни Исмаили, министерот за култура, Најџел Волтерс, претставник на ИМАГО, Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот и познатиот ирски драматург, режисер, сценарист и продуцент Џим Шеридан, како претставник на Европската филмска академија (ЕФА).

За Љупчо Константинов – „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

 „Првите четириесет се најтешки, тоа е мотото на луѓето од организацијата на фестивалот. Македонската кинематографија имаше неверојатната година со продукција на седум долгометражни филмови, но ДФРМ годинава загуби и пет филмски легенди меѓу кои Кирил Ценевски и кинематограферот Драган Салковски“, рече претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија Игор Иванов – Изи.

Иванов-Изи на композиторот Љупчо Константинов му ја врачи наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ – годинашен добитник на ова признание. Константинов е композиторот на култните филмови „Среќна нова ‘49“, „Тетовирање“, „Црвениот коњ“…

„Триесет и пет (35) авторски музики за филм направи Константинов и работеше со најголемите режисери во Македонија“, додаде Иванов – Изи предавајќи му ја Златна ѕвезда на Константинов кој се заблагодари за наградата.

Златната камера 300 за животно дело за Ед Лакман

На свеченото отворање, на американскиот кинематографер Едвард Ед Лакман, познат по филмовите „Ерин Брокович“, „Керол“ и „Далеку од небесата“, му беше врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело на јубилејното 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ од страна на македонскиот претседател Стево Пендаровски.

„Врската меѓу еден режисер и кинематографер не е како брачна заедница, туку тие се како танцови партнери, и важно е дали ја слушаат истата музика“, рече Лакман истакнувајќи дека по еден ден поминат овде чувствува колку е прекрасен овој фестивал. Тој ги спомена Свен Никвист и Роби Милер кои се лауреати на ИФФК „Браќа Манаки“, а кои биле негови учители.

Инаку, покрај Златна камера 300, Лакман е добитник и на 41 награда и има 42 номинации. За филмот „Керол“ ја освои БАФТА Наградата во 2016 како и годишната награда на BSC/British Society of Cinematographers, а во 2017, ASC/American Society of Cinematographers, му ја додели наградата за животно дело.

Компетиција Камера 300

Инаку, во рамки на главната Компетиција Камера 300 на фестивалот „Браќа Манаки“ се и остварувањата „Бедници“ во режија на Лаџ Ли, на кинематограферот Жулиен Пупард; „Езерото на дивите гуски“ на режисерот Јинан Диао, чиј кинематографер е Јинсонг Донг; „Бикот“ на Борис Акопов, на кинематограферот Глеб Филатов; „Пирани“ на режисерот Клаудио Џованези и кинематограферот Даниеле Чипри; „Синоними“ на режисерот Надав Лапид и кинематограферот Шаи Голдман; „Свиркачите“ во режија на Корнелиу Порумбоју, и на кинематограферот Тудор Мирчеа; „Жалиме што ве промашивме“ на режисерот Кен Лоуч и кинематограферот Роби Рајан; „Невидливиот живот на Еуридисе Гузмао“ во режија на Карим Ајнуз и кинематографија на Хелен Лувар; „Крадење коњи“ во режија на Ханс Петер Моланд и кинематографија на Расмус Видебек; „Лара“ на режисерот Јан-Оле Герстер и кинематограферот Френк Грибе, како и „Бел, бел ден“ на Хлинур Палмасон и кинематограферката Мариа фон Хаусволф.

До 21 септември до кога трае фестивалот, во Битола се очекува и светски познатиот режисер Фатих Акин. Претседател на годинашното меѓународно жири е Едвард Лакман (САД), а членови се Ненад Дукиќ (Србија), Доминик Велински (Франција), Калојан Божилов (Бугарија) и Фејми Даут (Македонија).