Со автокефалноста на МПЦ-ОА, падна на колена големата бугарска пропаганда!

1105

Признавањето на автокефалноста на МПЦ – ОА од страна на СПЦ, а врз одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија и вселенскиот патријарх Вартоломеј, е силен блесок за македонската иднина. Нема потреба од какво било стравување од страна на верниот македонски православен народ, туку напротив, слободно можеме да бидеме спокојни затоа што мудрата политика и црковната дипломатија, како и досега, ни го чуваа грбот исправен, го чуваа нашиот дигнитет, идентитет и македонско достоинство. Со добивањето автокефалност и наскоро во Фанар (Истанбул) и Томосот, ќе се затвори 55-годишниот спор, но ќе отвори почеток на нови духовни ризници и столбови во духовниот раст на МПЦ – ОА. Со канонското единство со многу сестрински православни цркви и големата православна екумена, ќе се слушаат македонскиот духовен збор, македонизмот и ехото на македонската посебност низ светот. Не случајно во анкетите се покажува дека народот најмногу ѝ дава доверба на МПЦ-ОА и таа во блиска иднина ќе мора уште повеќе да биде закрилник на македонскиот идентитет – задача доверена од народот!

Но, да се навратиме на почетоците од 17 јули 1967 година, кога во катедралната црква на Охридската архиепископија – „Света Софија“, тогашниот Синод донесе храбра резолуција за автокефалност, обновувајќи ја истовремено славната Охридска архиепископија, која во времето на Самоиловото Царство била издигната на патријаршиски степен иако потоа била сведена на архиепископија. Но, да не заборавиме – древната Охридска архиепископија го ширеше христијанството 800 години, сè до нејзиното укинување во 1767 г., од султанот Мустафа III.

Но, за жал, таа резолуција од 11 мај 1967 година, од страна на СПЦ ја прогласи МПЦ-ОА за шизма и за неканонска црква (раскол). Со Божја волја и мудроста на двајцата великани, српскиот патријарх Порфириј во сослужение на нашиот архиепископ, г.г. Стефан, на денот на рамноапостолите св. Кирил и Методиј, го обзнани прифаќањето од страна на СПЦ, автокефалијата на МПЦ-ОА. Но, тоа во истиот момент, без оглед што говориме за црковно прашање, значеше потврда дека сме суверена држава со свои идентитет, народ и црква.

Падна на колена големата бугарска неправедна пропаганда за негирање на македонскиот идентитет, бидејќи Вселенската патријаршија признавајќи ја Охридската архиепископија, го потврди вековното постоење на македонскиот народ и црква од времето на Охридската архиепископија, од времето на Самоила. Лошата реторика од страна на бугарската држава да зграбат историски сè за себе и да се поистоветат со древната Охридска архиепископија, е сега минато. Ова значи крај на многу отворени прашања и во Историската комисија. После оваа, сериозно се отвора прашањето за постоењето на Историската комисија меѓу двете држави.

Бугарската православна црква нема простор за маневрирање и ќе мора да се помири со одлуката на Вселенската патријаршија која е конечна, да ја признае МПЦ-ОА како една од многуте православни цркви во светот. Паѓаат во вода сите нивни аргументи, дека БПЦ има директно заедничко минато со древната Охридска архиепископија. Впрочем, и Црквата во Бугарија и државната политика на Бугарија од 2017 година ги изгубија шансите да донесат вистински правилни историски одлуки. Затоа тој примат го зема Република Србија, на сите нивоа со одлуките на државната политика и мирољубивата политика на Светиот синод и светоста на српскиот патријарх Порфириј.

Благодарноста на македонскиот народ кон братска Србија во овој миг е огромна, а спротивно на тоа, македонско-бугарските односи се полоши од кога било. Со верба дека ова треба да биде урнек за бугарската политика, да се потпре на европските начела да направат исчекор, да надвладее  разумот и политиката на Радев и Петков да доведе до повлекување на неправедното вето. БПЦ може да има улога да го поттикне процесот на братско помирување. Да замислиме како би било еден ваков раскошен мирољубив, стратешки регион меѓу Македонија, Србија и Бугарија!

Во однос на техничко-организациските детали што ги има како задача Светиот синод на МПЦ-ОА, веројатно, се работи за донесување одлуки на архијереите, можеби ќе бидат потребни промени во Уставот на МПЦ-ОА и одредени отстапки, кои ќе бидат по теркот на братољубието. Не знам точно, но претпоставувам дека ПОА и членовите на ПОА секако братски би требало во чинот на помирувањето да бидат интегрирани и вратени во братството на МПЦ-ОА. Тие се наши луѓе, големи црковни достоинственици кои учеле и пиеле од македонскиот извор, православен извор и беа дел од нашите епархии. Верувам и треба сите да знаеме дека тие луѓе ќе придонесат во духовниот раст на МПЦ-ОА или дозволете малку метафорично по Евангелието на Лука: „Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво, па и птиците небески се вгнездуваат во неговите гранки“. Православниот квасец ќе ни стане поголем. Сепак, тоа е работа на Светиот синод на МПЦ-ОА и верувам во односот кон ПОА ќе има братски, мирољубиви одлуки.

Службеното име во добиениот „Томос“ (УСТАВ) на сите цркви на православието е седиште на древната црква или има име на некаква територија. Тоа може да се користи неформално, може и формално, но не е составен дел од актот за признавање автокефалност – Томос во нашиот случај, секако си останува употребата на Македонска православна црква како дел од колективната меморија на народот. Во одлуката на Вселенската патријаршија го признава името “Охридска“ како област на нејзината јурисдикција.

Мора да се признае дека Синодот на МПЦ-ОА донесе мудра одлука не еден од црковно-народен собир и ја додаде во името Охридска архиепископија (ОА). На пример, Томосот на Грчката православна црква гласи Православна црква на Грција. Томосот на Руската православна црква гласи Томос на Московската патријаршија или Томос на Светата православна црква на Грузија. Низа години наназад не можевме да веруваме дека ќе дојде до вакво решение кое е најдобро и за Црквата и за државата.

Проф. д-р Валентина Божиновска

(поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници)