Соња Здравкова-Џепароска: Македонскиот современ танцов израз е релативно млад, но автентичен

411

„Иднината на македонскиот балет во голема мера зависи од ставот на државата во однос на високата уметност. Таа во никој случај не е профитабилна, ниту има економска исплатливост, но таа е нужна за формирање на сликата и имиџот на една држава“, вели за весникот ВЕЧЕР Соња Здравкова-Џепароска, професорка на Катедрата за балетска педагогија при Факултетот за музичка уметност чија книга „Од Тешкото до македонскиот постмодерен танц“ неодамна беше промовирана

Неодамна ја промовиравте книгата „Од Тешкото до македонскиот постмодерен танц“. Кажете ни нешто повеќе за изданието.

Книгата претставува компилација од седум есеи кое се обединети околу тематската оска – македонски танц во неговиот најширок диверзитет што е вградено како идеја и во самиот наслов на книгата. Изданието на мое огромно задоволство е подготвено и публикувано двојазично, на македонски и англиски јазик, што ја проширува достапноста до многу поголем број читатели. Што се однесува до импресиите од промоцијата, тие се исклучително позитивни. Ова не беше класичен тип на промоција. Проф. д-р Јелена Лужина даде исклучителен осврт на книгата, по што следуваше уметничка програма на која настапија балерината Ивана Коцевска, пијанистот Дино Имери, кој заедно со актерката Симона Спировска премиерно ја изведоа композицијата „Алузија за Тешкото“, актерката Христина Цветаноска, како и учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Овие уметнички изведби беа кинестетичка поддршка на третираната проблематика и го отсликаа на најдоследен начин материјалот од книгата.

Ова е единствена книга во годината кога балетот во Македонија  одбележува 70 години постоење. Сметате ли дека, во чест на јубилејот, требаше НОБ да излезе со издание за македонскиот Балет и балетскиот ансамбл?

За политиката на НОБ во однос на чествувањето на јубилејот навистина не би можела ништо подетално да кажам, иако имаше идеја за публикување на монографија. Но мислам дека, како и секогаш, финансиите се тие кои диктираат во кој опфат и што ќе биде презентирано. Јас од своја страна, еден од есеите го посветив на македонскиот балет низ седумте декади, но текстот воопшто не е пишуван во духот на едно монографско издание. Тој прави еден деконструктивистички зафат каде ќе се лоцираат врските помеѓу општествениот контекст, културните политики и влијанија и репертоарскиот профил. Лично бев заинтригирана од флуктуациите во однос на градењето на имиџот на балетската продукција низ годините наназад и неговото значење како репрезент на националната танцовата уметност.

На Шестата конференција за танц на Њујорк Универзитетот единствена од Македонија настапивте со трудот „Идентитетот и танцот: традиционалното оро ’Тешкото‘ – Национален идентитетски симбол на Македонците“. Што претставува „Тешкото“ за македонскиот народ?

„Тешкото“ претставува танцова слика на нашата историја. Играта, воопштено зборувам, има апстрактна структура која од една страна фасцинира со својата универзална димензија, но од друга, нуди можности за диспаратни толкувања. „Тешкото“ доби многу јасна фиксација и нарација преку истоимената песна на Конески. Така танцот, кој е неверојатно атрактивен, автентичен доби нова социјална функција на национален идентификатор, на претстава која е рефлексија на македонската повест. Тоа е најтолкуваното дело во уметничка смисла ако ги земеме сите креации кои се направен на ова тема – музички, сликарски, скулпторски, танцови…

Авторка сте и на книгите „Карактерни игри“, „Дискурси на танцовата уметност на ХХ век“, „Балетска драматургија“, „Историја и теорија на балетската уметност“, „Аспекти на перформативната кинестетика“. Што го карактеризира македонскиот современ танцов израз?

Како релативно млад, но едновремено автентичен. Проблемот со современиот израз е тоа што единствената национална куќа по својата дефиниција претпоставува фиксиран продукциски профил. Дури и во вака крути поставени параметри, балетот допушта современа естетика. Но оној авангарден истражувачки израз кој е многу често експериментален, хибриден не може да очекуваме да го видиме на сцената на НОБ. За овој израз треба да се оформат нови сценски простори. Ние имаме два независни центри околу кои гравитира овој уметнички бран „Локомотива“ и „Интерарт“, но тие исто така се ограничени со проекти и не секогаш успеваат да овозможат континуитет на оваа продукција. Како пример, фестивалот за современ танц „Локомоушн“ во организација на Локомотива прекина со свое опстојување во 2015 што е некаков индикатор за состојбите. „Танц фест“ на „Интерарт“ оваа година одбележа петнаесетгодишен јубилеј, но исто така нема стабилен фонд за финансирање.

Како професорка (во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и на Катедрата за балетска педагогија при Факултетот за музичка уметност) постојано сте во контакт со идните македонски балерини и балетани. Постои ли интерес за оваа уметност во нашата земја и дали завршените студенти се гледаат на македонските балетски сцени или, пак, во други земји?

Морам да истакнам дека одредени трендови кои се актуелизираат денес го вклучуваат и изучувањето на балет. Тоа го потврдува големиот број на приватни студија и зголемениот број на ученици во нижото балетско училиште. Ова подразбира посилна конкуренција и селекција на ученици. Имаме талентирани ученици, имаме ученици кои започнале или пак го заокружиле своето образование во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и продолжиле во странство што говори за компатибилноста и квалитетот на образовните степени, како и општата подготвеност на учениците. Како и генералниот став, присутен особено кај младите, дека сè е подобро отколку во Македонија (кој на мноштво примери покажува дека е тотално погрешен) дел од овие ученици размислуваат да продолжат „некаде надвор“. Глобализацијата на пазарот тоа го дозволува, но имаме и инверзна состојба каде многу странски изведувачи доаѓаат да работат во Националната опера и балет. Сепак, секој бара за себе најсоодветно место и ангажман.

 Според ваше мислење, каква е иднината на македонскиот балет?

Иднината во голема мера зависи од ставот на државата во однос на високата уметност. Таа во никој случај не е профитабилна, ниту има економска исплатливост, но таа е нужна за формирање на сликата и имиџот на една држава. Секаде националните ансамбли (не еден, туку повеќе) се рефлексија за состојбите во општеството, ние имаме само еден балетски ансамбл што подразбира зголемена одговорност. Во зависност од буџетот ќе зависи и квалитетот во смисла кореографи кои гостуваат, откупување на авторски права за одредени, култни за историјата на балетот, дела, продукција на нови претстави, подмладување на кадарот… итн. Друго прашање кое е клучно за одржувањето на квалитетот е должината на работниот век кој пред некоја година беше продолжен и кој ценам дека дополнително ја усложнува состојбата. Танцот е уметност на младоста и таков треба да остане.  (Н.И.Т.)