Сојузот на филателисти го чува споменот на славните народни херои: Промовиран пригоден плик со ликот на Крсте Црвенковски

258

Станува збор за серија филателистички материјали со кои се чува споменот на народните херои Васко Карангелески, Борка Талески, Христијан Тодоровски Карпош, Ванчо Прке, Илија Јованоски и Славчо Стојменски.

Со промоција на пригоден филателистички плик посветен на народниот херој Крсте Црвенковски, неодамна Сојузот на филателистите на Македонија го одбележа завршувањето на својот проект „Сто години од раѓањето на седум народни херои од Македонија, 1921 – 2021“ .

Ова беше последно претставување на една серија филателистички материјали со кои го чуваме споменот и на народните херои Васко Карангелески, Борка Талески, Христијан Тодоровски Карпош, Ванчо Прке, Илија Јованоски и Славчо Стојменски. По повод 80 години од народното востание, за овие седум херои Сојузот изготви седум пригодни плика на кои беа претставени нивните ликови, заедно со симболот од орденот за народен херој,

За да бидат аплицирани на пликовите свои дела понудија академските сликари Воскресија Андреевска и Методи Исков, како и неколку компјутерски дизајнери. АД Пошта на Репубика Северна Македонија за секого од нив изготви пригодни печати со денот на неговото раѓање. Со нив беа поништени марките со мотиви од родното место на херојот, залепени на пликовите. Печатите беа наменети за еднодневна употреба во нивните родни градови и со нив се франкираа сите испратени пратки тој ден.

Инаку, за пригодниот плик за народниот херој Крсте Црвенковски кој во еден период врвен функционер во хиерархијата на поранешна СФРЈ, беше преземено ликовното видување на Василије Поповиќ – Цицо, а целокупниот дизајн е дело на арх. Владо Петков. Во присуство на членови на семејството и на почитувачи на неговото дело м-р Бојана Спасовска-Кузевска, која одбранила магистерска теза за животниот пат на Крсте Црвенковски, изнесе неколку податоци кои се резултат на нејзината истражувачка дејност. Таа укажа дека во институците во нашата држава се чува богата изворна документација за боречката и политичката дејност на Крсте Црвенковски, извор за нови магистерси и докторски трудови.

Сојузот на филателистите на Македонија најави дека во 2022 година започнува со реализација на својот нов проект „Сто години од раѓањето на тројца народни херои од Македонија, 1922 – 2022“. Планира да ги претстави народните херои Ѓоре Дамески, Вангел Нечевски и Бајрам Шабани.