Новата мутација на корона вирусот наречена „омикрон“ кој се појави во Јужна Африка, галопира кон Европа. Во Македонија засега не е регистриран овој нов сој, но надлежните ја следат состојбата за што денес се разговара на Комисија за заразни болести.  Министерот за здравство Венко Филипче, викендов изјави дека сега е сè уште рано да се каже точно, но станува збор за нова мутација на вирусот „Омикрон“ која има бројни мутации посебно во делот на спајкот. Според доктор Злате Мехмедовиќ, новата мутација на корона вирусот има сериозни карактеристики кои што треба да бидат причина за нашата загриженост, бидејќи тој е 500 отсто попренослив од делта сојот. Омикрон е можеби најсериозната варијанта  од почетокот на пандемијата, Македонија мора да превземе превентивни  мерки, вели доктор Мехмедовиќ.  

 

 

Новата мутација на корона вирусот наречена „омикрон“, кој се појави во Јужна Африка, галопира кон Европа. Две лица во Германија се заразени со новиот омикрон-сој на коронавирусот, а како што јавуваат германските медиуми, тоа се патници кои пристигнале во земјата од Јужна Африка, каде што за првпат е откриена новата варијанта. Исто така, едно лице заразено со омикрон-сојот е регистрирано и во Италија, а италијанските медиуми информираат дека лицето пристигнало од Мозамбик.
Освен во Германија и во Италија, новиот сој на коронавирусот е регистриран и во Белгија и во Велика Британија, па во овие земји се забранува влезот на граѓани кои во изминатите две недели престојувале во Јужна Африка. Во Велика Британија потврдени се два случаи на инфекција со новиот сој, поради што британската влада објави дека воведува нови мерки за сузбивање на ширењето на инфекцијата со овој вид на коронавирус.

Во Македонија засега не е регистриран овој нов сој, но надлежните будно ја следат состојбата за што денес се разговара на Комисија за заразни болести.  Министерот за здравство Венко Филипче, викендов изјави дека сега е сè уште рано да се каже точно, но станува збор за нова мутација на вирусот „Омикрон“ која има бројни мутации посебно во делот на спајкот и дека сега тука е сомнежот за можност тој да е  потрансмисибилен отколку сите досегашни мутации.

– Меѓутоа, ние имавме и многу други мутации кои не се проширија досега. Имаше и оние други сценарија – делта сојот кој навистина секаде се прошири. Ќе ги разгледуваме сите овие работи во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести, најави Филипче.

Според доктор Злате Мехмедовиќ, новата мутација на коронавирусот наречена „омикрон“ има сериозни карактеристики кои што треба да бидат причина за нашата загриженост, бидејќи тој е 500 отсто попренослив од делта сојот.

„Прво и основно, пресметките се дека новата мутација „омикрон“ има висок степен на преносливост во однос на делта-варијантата. Ние досега сметавме дека многу долго време нема да може да се појави варијанта која што ќе биде посилна од делта-варијантата, меѓутоа, новиот сој укажува на тоа дека преносливоста може да биде и повисока. Иницијалните пресметки што ги направи Институтот за молекуларна биотехнологија во Австрија, укажуваат на тоа дека омикрон-сојот може да биде и до 500 отсто попренослив од делта-сојот. Само да потсетиме дека делта-варијантата беше 60 отсто полесно пренослив од алфа-варијантата, а омикронот е 500 проценти попренослив од делта-сојот, објаснува д-р Мехмедовиќ.

Доктор Нико Беќаровски пак вели дека најискрениот и најпоштен одговор сега би  бил дека не знаеме и премногу е рано, и дека единствен јасен факт е дека овој сој има 30 мутации од кои дваесетина на spike protein.

Дали е позаразна? Не знаеме! Дали е посмртоноста или помалку смртоносна?

Не знаеме! Дали вакцините се помалку ефикасни или комплетно неефикасни?

Не знаеме! Дали ПЦР и брзите тестови се доволно сензитивни за детектирање?

Најверојатно! Дали претходно прележаните се заштитени и од кои досегашни варијанти? Не знаеме!

Затоа барем следните 15 дена, додека не се евидентираат и анализираат доволен број на инфицирани, може само да претпоставуваме, а за жал многу претпоставки кај Sars-Cov-2 излегоа комплетно погрешни. Затворањето на авионските линии кон Африка е акт на паника, а не на рационална медицинска логика, бидејќи Омикрон сигурно веќе е присутен на 4-5 континенти, напиша доктор Беќаровски на својот фејсбук-профил.

Вчера со миселење  излезе и Јужноафриканската медицинска асоцијација според која заразените со омикрон сојот не се сериозни случаи.

-Досега откриените случаи во Јужна Африка не се сериозни, изјави за Би-Би-Си, Анџелик Кетзи, која претседава со Јужноафриканската медицинска асоцијација.

Меѓутоа, рече таа, истражувањето на новата варијанта на вирусот е сè уште во многу рана фаза, додавајќи дека само 24 отсто од луѓето во земјата се целосно вакцинирани.

-Пациентите најмногу се жалат на болки во телото и замор, на екстремен замор, и тоа го гледаме кај помладата генерација, а не кај постарите, рече таа. Кетзи додаде дека тоа не биле пациенти кои директно се примени во болница.

Меѓутоа, во коментари за други медиуми таа изрази загриженост дека новиот сој може да се појави кај постари луѓе со основните проблеми за нив, како што се срцевите заболувања или дијабетес, пренесе ДПА.

-Симптомите на новата варијанта се невообичаени, но благи, рече таа, додавајќи дека прво била предупредена за можноста за нова варијанта кога пациентите со невообичаени симптоми за ковид-19 дошле во нејзината ординација во Преторија на почетокот на ноември, жалејќи се на силен замор. (В.М.Б.)