Политиката на Бугарија кон Северна Македонија останува непроменета, рече во речиси едночасовното интервју за БНТ привремениот бугарски премиер Стефан Јанев, потенцирајќи дека тие во моментов на европските партнери во Брисел им ја објаснуваат позицијата на Софија.

Бугарија нема да отстапи од ставот за Република Северна Македонија, бидејќи се работи за бугарски национални интереси, како и за основните европски правила за правата на граѓаните на ЕУ, вели Јанев. Тој потенцира дека пред да ја преземе функцијата во мај оваа година, позицијата не била јасно соопштена.

Нема да отстапиме од нашата позиција. Во моментов, преодната влада прави напори да им ја објасни бугарската позиција на нашите европски партнери, бидејќи досега не е доволно добро објаснето“, рече тој во интервју за БНТ.

Според него, европските партнери во Брисел веќе даваат позитивни сигнали и само треба повеќе време за да ја разберат тезата за Бугарија.

Во насока на дообјаснување на бугарската позиција на европските партнери е и вчерашниот телефонски разговор на бугарскиот претседател Румен Радев со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во кој тој го изразил очекувањето на Софија дијалогот со Северна Македонија да доведе до конкретни резултати, јави дописникот на МИА од Софија.

Радев истакнал дека Софија е отворена за дијалог, поставила јасни прашања и очекува одговори и реални дејствија од Северна Македонија.

Шефот на бугарската држава смета и дека дневниот ред на билатералните односи меѓу Софија и Скопје не треба да биде подреден на надворешни влијанија, туку да се води отворено со ангажман од двете земји, што ќе го придвижува напред процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.

Како главен акцент во тој дијалог, претседателот на Бугарија го посочил почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, трајно искоренување на јазикот на омразата и почитување на бугарската историја и културно наследство во Македонија.

Дека нема промена во ставот на Бугарија за почеток на преговорите со Македонија за влез во ЕУ било соопштено и на состанокот на Советот за општи работи кој се одржа неделава во Брисел. Бугарското вето останува, иако, според дипломатски извор, планираниот остар став на Бугарија, кој требало да биде искажан пред Советот, не бил изразен поради трагедијата на автопатот Струма.

Постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, Румен Александров истакнал дека Северна Македонија сè уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција.

Тој додал дека Бугарија во последните месеци предложила голем број опции за надминување на отворените прашања како гаранции за правата на луѓето со бугарска самосвест, како и дека Македонија треба да преземе конкретни обврзувачки обврски, од кои некои треба да бидат исполнети на краток рок, а останатите да бидат меѓу барањата на идната преговарачка рамка. Александров рекол дека пред тоа да се случи не може да се очекува напредок.

Словенечкиот државен секретар за европски прашања, Гашпер Довжан, пак се надева дека до крајот на нивното претседавање со ЕУ ќе се успее во решавањето на проблемите.

(В.М.Б.)