Состојбата со коронавирусот се влошува, се спремаат нови мерки, но не и карантин 

-Дел од мерките кои се разгледуваат се и носење маски и на отворено, ограничување бројот на лица на маси во угостителски објекти, забрана за семејни веселби во затворено, прецизни протоколи за работа на угостителските објекти и на јавниот превоз, изјави вчера министерот Филипче и додаде дека овие мерки како дополнителна рестрикција ќе се воведуваат само доколку се оцени дека тоа е неопходно во одредени општини. „Ова се дополнителни минимални рестрикции за да не дојдеме до фаза на ограничувањето на движењето“, изјави министерот за здравство

191

Епидемиолошката состојба кај нас во последните денови се влошува, а главна причина е непочитувањето на мерките.

– Главна причина се должи на непочитување на мерките на семејни собири, дружења и средби – изјави министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека е недозволиво да не се почитуваат мерките од сите, особено од бизнисите и угостителските мерки. Најави дека се размислува за воведување нови мерки, но мерки со кои ќе се избегнат затворања и карантини.

-Дел од мерките кои се разгледуваат се и носење маски и на отворено, ограничување бројот на лица на маси во угостителски објекти, забрана за семејни веселби во затворено, прецизни протоколи за работа на угостителските објекти и на јавниот превоз. Подетално за тоа ќе информираме во следните денови, истакна Филипче.

Тој рече дека состојбата кај нас, како и секаде во светот, со крајот на летото се влошува. Велика Британија, Чешка, Франција, Шкотска, Израел, планираат да ги заострат мерките.

-Франција ги заострува мерките, меѓу другото ќе забрани и посети меѓу домаќинствата. Тоа е она што го најавувавме, дека септември ќе биде почеток на нов бран, изјави тој.

Тој информираше дека, според анализите на Комисијата за заразни болести, до 19 септември најголем број заболени има во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, а Штип е со најголема инциденца. Најприсутен е вирусот кај возрасната група од 30-39 години, што значи ги напаѓа и помладите и поздрави луѓе.

Податоците од Институтот за јавно здравје потврдуваат дека расте бројот на заразени и на починати од ковид-19. Изминатата недела биле регистрирани за 35 проценти повеќе лица позитивни на вирусот во споредба со претходно анализирана недела. Речиси двојно е зголемен и бројот на починати и во периодот од 14 до 20 септември, дури 48 лица починале како последица на ковид-19, за разлика од 27 кои биле евидентирани во периодот од 7 до 13 септември. Само во последните три дена починале 17 лица, од кои најмладиот има само 23 години.

Според податоците од здравствените власти, 47 или 6,7 проценти од починатите, не стигнале да побараат лекарска помош и починале во домашни услови. Министерството за здравство веќе ги задолжи директорите на болниците и клиниките каде што третираат лица со ковид-19, да направат анализа на што се должи зголемената смртност и како ги лекувале овие пациенти.

Доктор Ненад Лазаров, пак, смета дека бројките од табелите на случаите до мај и после се резултат на политичка манипулација што се случи во државава. Лазаров потенцира дека државата не беше спремна за избори и апсолутно немаше никаква потреба да се направи овој инженеринг, додавајќи дека од оваа табела и лаик ќе види дека државата направила грешка, а не па епидемиолог.

-Наместо да го задржиме тој тренд, кој луѓето го прифатија во тој еден период кога имавме 20-ина случаи на ден, а имавме и без малку карантински мерки, дозволивме да потпаднеме на политичко влијание за да се случат избори кои не знам со што резултираа. За мене е неприфатливо е. Да се случат избори и да терате народ масовно да гласа, треба да не им е страв на тие луѓе. Треба да ги убедите луѓето дека е безбедно и неопходно, коментираше

Тој додаде дека тогаш на луѓето некои политичари им велеа дека е готово како и некои лекари, а сега повторно ја враќаат реториката дека не е опасно.

Сега во последниот период, како што се случува усложнување на ситуацијата, се случи тежок нон-сенс. Луѓето се збунети, едни исти ликови кои ги гледаме по телевизијам дури еминентни медицинари имаше конфузни информации, а од политичари имаше изјави дека се е безбедно. Сега наеднаш почнуваме по 3 или 4 пати да менуваме реторика и на луѓето да им објаснуваме дека пак е страшна ситуацијата. Страшна е, ама долго време, нагласи Лазаров.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) вчера предупреди дека ковид-19 може да се пренесе со мали честички во воздухот и дека вирусите можат да преминат повеќе од два метра. Претходно, ЦДЦ тврдеше дека вирусот главно се пренесува од човек на човек преку респираторни капки кога болно лице кашла или зборува.

Ажурираните упатства за борба против ковид-19, објавени на веб-страницата на агенцијата, исто така препорачуваат луѓето да користат прочистувачи на воздухот за да го намалат внесот на микробите во затворени простории и со тоа да избегнат ширење на болеста.

Медицинарите секогаш ја потврдуваат важноста за носењето на заштитна маска за време на пандемијата од коронавирусот. Македонија веќе седми месец се бори со опасната зараза, која направи големи проблеми во сите области во општеството.