Состојбата со вирусот во Македонија се влошува, ама никој не се откажува од патувањето во странство!

Расте бројот на ковид позитивни на Балканот и во земјава

6742

 Иако Грција е втора на светската мапа по бројот на заразени, на граничниот премин Богородица нашите луѓе чекаат со часови за влез во оваа држава, каде што го користат својот годишен одмор. Не е подобра ситуацијата со епидемијата и во Црна Гора, Турција, Србија и во Косово, каде што, исто така, најчесто патуваат нашите сограѓани. Токму затоа министерот за здравство Беким Сали деновиве најави дека пикот на новиот бран ќе се случи во првата половина на август

Летните одмори не само што ги раздвижија луѓето туку го раздвижија и омикронот, кој сè повеќе се шири во Европа, но и во земјите на Балканот. На официјалната ковид светска мапа, по Микронезија, Грција е втора по ред со најголем број заразени, ја следат Црна Гора, Турција, Косово и Србија. Македонија засега е во подобра ситуација од земјите во опкружувањето, но со оглед дека нашите сограѓани го трошат одморот току во овие земји, можно е деновиве да имаме, на дневна основа, уште поголем број заразени.

Токму министерот за здравје Беким Сали деновиве најави дека пикот на летниот бран ќе се случи по празникот Илинден. Засега од Комисијата за заразни и фебрилни состојби нема нови мерки, тие ја следат актуелната епидемиолошка состојба и в петок ќе кажат дали ќе има некој вид рестрикции. Тие препорачаа постарите лица и хронично болните пациенти да носат маска кога користат јавен превоз, за влез во болници и амбуланти, како и во аптеки и при посета на стари и болни лица.

Институтот за јавно здравје во неделната анализа што се однесува од 25 јули до 31 јули годинава, регистрира дека за една недела во државата има 8,5 проценти повеќе новодијагностицирани со ковид 19. Во овој временски интервал, позитивен тест добиле 4.764 граѓани, од кои речиси половина се во главниот град. ИЈЗ согледал дека речиси секој втор тестиран на вирусот е позитивен.

Како што кажа и министерот Сали, главниот град Скопје е најголемо жариште на вирусот и се наоѓа во црвената зона според бројот на активни случаи. Од заболените, изминатиот седумдневен период, најмногу се во возрасната група над 60 години, а најмалку кај тинејџерите.

Во последната анализа на ИЈЗ има регистрирано и 9 смртни случаи – сите биле повозрасни со коморбидитети и починале во болнички услови.

– Моментално, во земјава се хоспитализирани 161 лице, што е за 18,4% зголемување во споредба со претходната недела, а 45 од нив се на кислородна поддршка, што, исто така, е повеќе во споредба со претходната недела. Засега нема пациенти на механичка вентилација – анализира ИЈЗ.

Поволно е што во текот на минатата недела оздравеле 4.088 наши сограѓани, што, пак, е 51,8% повеќе во споредба со претходната недела, кога оздравеле 2.693 лица. Во текот на минатата недела, пријавени се 1.089 реинфекции, со незначително намалување во однос на претходната недела, кога 1.092 лица по втор пат се заразиле со вирусот.

Во земјава, во моментов се активни околу 4.000 лица, но и понатаму нема интерес за бустер доза. Едвај околу 6.000 граѓани имаат примено четврта доза вакцина за заштита од вирусот.

(В.Ма.)