Состанок на Платформата за јавно-приватен дијалог: Презентирани предлог-економските мерки од петтиот сет за поддршка за стопанството и граѓаните

38

Согласно веќе воспоставената практика за одржување на состаноци на Платформата за јавно-приватен дијалог, што се одржуваат секој месец, денеска во Владата министерите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши остварија средба со претседателите на четирите најголеми стопански комори во земјава – Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на Северозападна Македонија, Сојуз на стопански комори и МАСИТ, кои се дел од оваа Платформа.

Како што соопшти владината Прес-служба, на денешниот состанок министрите Бесими и Бектеши го презентираа предлог на економските мерки од петиот пакет поврзани со справување со кризата предизвикана од коронавирусот.

Министрите информираа дека во предложениот предлог се опфатени компании кои бележат загуби поради пандемијата, како што се компании од угостителската индустрија, туризмот, транспортни компании, компании за планирање и организација на настани, медиуми, тутунари, спортски клубови, а во мерките ќе бидат планирани бескаматни кредити со грант компонента за компаниите, даночни олеснувања за погодените сектори, царински олеснувања и усогласувања, се наведува во соопштението.

Во насока на одржување на добрата соработка помеѓу Владата, министерствата и стопанството, на состанокот се отвори дискусија за нацрт економските мерки од петтиот пакет, при што присутните претставници на стопанските комори изразија задоволство и согласување со предлогот, а министрите Бесими и Бектеши потенцираа дека финалниот и усогласен сет на економски мерки, пред конечното објавување, уште еднаш ќе биде консултиран со сите засегнати страни и социјални партнери.

– Предлогот на петтиот пакет, кој не е финално дефиниран, содржи околу дваесет мерки, кои се таргетирани да ги поддржат најпогодените сектори и граѓани од здравствената и социо-економската криза, со фокус на задржување на ликвидноста на компаниите и работните места, но и да ги стимулираат компаниите да продолжат да се развиваат и растат, се додава во соопштението.

Извор:МИА