Сослушани осум лица за автобуската несреќа, меѓу нив и сопственикот на „Беса Транс“

53

Во досегашната истрага за автобуска трагедија на автопатот Струма во Бугарија, во која загинаа 45 наши сограѓани, сослушани се осум лица, а на распит ќе бидат повикани уште, соопшти дравниот јавен обвинител, Љубомир Јовески на денешната заедничка прес-конференција со неговите бугарски колеги. Меѓу првите е сослушан и сопственикот на компанијата „Беса Транс“, чиј автобус целосно изгоре.

„Осум записници од распит на сведоци се дадени на бугарските обвинители, со што би можело да се помогне во истрагата и расчистување на случајот. Во следните денови ќе сослушаме уште многу лица, и исто така записниците ќе бидат доставени до бугарските колеги“, нагласи обвинителот  Јовески.

Според бугарскиот заменик јавен обвинител, од Окружното јавно обвинителство-Перник, сопственикот на компанијата „Беса Транс“ не може да биде обвинет за сообраќајната несреќа, односно, конкретна вина се бара кај лице кое учествувало во превозот на патници или конкретно кај возачите.