Сонцето од Кутлеш ќе сјае само по дома!

Според Преспанскиот договор што беше потпишан во јуни минатата година, рокот за бришење на шеснаесеткракото сонце од сите јавни места и институции е пробиен за неколку дена бидејќи истиот истече во понеделникот. Всушност, власта се обврза симболот да биде тргнат во период од шест месеци од стапување во сила на Договорот, а на спомениците што упатуваат на тој период да бидат истакнати ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација. Такви ознаки на спомениците засега нема, но затоа сонцето од Кутлеш вчера се бришеше од шахтите во Скопје и низ државата.

216

Градежни работници со брусилки вчера околу пладне го отстрануваа сонцето од Кутлеш од шахтите во центарот на градот. Оваа акција доаѓа само еден ден откако Владата издаде и наредба до општините да го отстранат знакот кој беше и симбол на првото знаме на независна Македонија од сите јавни места.

Според Преспанскиот договор што беше потпишан во јуни минатата година, рокот за бришење на шеснаесеткракото сонце од сите јавни места и институции е пробиен за неколку дена бидејќи истиот истече во понеделникот. Всушност, власта се обврза симболот да биде тргнат во период од шест месеци од стапување во сила на Договорот, а на спомениците што упатуваат на тој период да бидат истакнати ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација.

– Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба, стои во чл. 8 од Договорот.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски ден претходно изјави дека Одлуката на Владата за отстранување на симболот на сонцето од Кутлеш е за општините, државните и локални институции и оти се имплементира сега согласно Преспанскиот договор.

– Одлуката на Владата е за локалната самоуправа. Сонцето од Кутлеш е тргнато од знамето од 1995 година, така што не знам зошто сега се отвора тоа прашање. Преспанскиот договор е јасен, тоа да не се користи за државните институции, се разбира и за локалните институции и сега дојде моментот таа одредба да се имплементира. Преспанскиот договор е прифатен од Собранието со двотретинско мнозинство и граѓаните се запознаени со чекорите што следуваат, изјави Милевски.

Во однос на приватното користење на симболот, Милевски рече дека тоа не може да се забрани.

– Јас лично не знам доколку сакам да го користам, кој би можел да ми забрани. Сигурно во дворовите во Грција може да се користи било што и никој не може да го забрани. Исто и тука на еден приватен имот кој сака може да си стави. Не е ова инквизиција да ги гониме луѓето, но државните институции треба да го почитуваат законот, а  за непочитување на законите, се разбира, има санкции, рече Милевски.

Општина Македонска Каменица во амблемот во целост го има сонцето од Кулеш, во Виница целиот плоштад е поплочен со црвено-жолти бекатон плочи кои го претставуваат сонцето. И во грбот на Општина Могила изразен е токму овој симбол.