Солна киселина истекла од цистерна во кругот на „Металски завод Тито“

266

Случајот го пријавил советник во Општина Гази Баба, а дежурните екипи на  Инспекторатот на град Скопје веднаш реагирале и го пронашле сторителот. Д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија вели дека пареите од истечената солна киселина се многу опасни и додава дека во литературата се опишани и животозагрозувачки случаи, а и тој самиот бил сведок на некои од нив. – Солната киселина е корозивно-нагризувачка супстанца, па ако изложеноста е долготрајна, може да направи тешки оштетувања, не само на горните, туку и на долните респираторни патишта и ќе го поремети дишењето и размената на гасови, потенцира Чибишев 

 

Солна киселина истекла од 50-тонска цистерна во околината на „Металски завод Тито“ во Скопје, соопшти Инспекторатот на Град Скопје. Ова е втор инцидент по големата хаварија што се случи во ОХИС кога истече вода со метил акрилат мономер. Случајот го пријавил советник во Општина Гази Баба, дежурните екипи на  Инспекторатот на град Скопје веднаш реагирале и го пронашле сторителот.

Како што истакна раководителот на овој инспекторат, Мирослав Богдановски, се работи за правен субјект што работи со прекурзори.

– На лице место е констатирано дека се работи за истекување на солна киселина од цистерна, веднаш се преземени итни мерки за спречување на понатамошно истекување – потенцираат од Инспекторатот.

Богдановски не сакаше да обелодени за кој правен субјект станува збор, туку само истакна дека фирмата веќе работела 20 години и објасни дека правниот субјект имал базен каде што е цистерната со солна киселина, за прифаќање на течностите со кои работи.

– Правниот субјект не поседувал елаборат за заштита на животната средина, но поседувал одобрение од Министерството за здравство за вршење на дејноста – изјави Богдановски.

Тој додаде дека е направен записник за понатамошно постапување.

Скопскиот градоначалникот, Петре Шилегов најави дека ќе поднесе кривична пријава против фирмата сопственик на цистерната која го предизвика истекувањето и го повика Јавното обвинителство сериозно да ја свати заштитата на животната средина и побрзо да реагира.

– Ние во текот на денот ќе се состанеме и ќе го испитаме случајот и во согласност  со надлежноста ќе постапиме. Доколку тоа не е во наша надлежност по службена должност предметот ќе биде предаден на Државниот инспекторат за животна средина – информираше Богдановски.

Тој не сакаше да открие многу информации со образложение дека постапката е во тек.

– Да ја испитаме работата и ќе излеземе во јавност со сите податоци – дециден е Богдановски.

Според д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија, пареите од истечената солна киселина се многу опасни.

– Ние сме имале случаи на труење на домаќини и домаќинки кои чистеле простории со солна киселина. Притоа, настанува надразнување на горните респираторни патишта, а доколку изложеноста на солната киселина трае подолго, една до две минути, може да настане оштетување на слузокожата на горните респираторни патишта – информираше Чибишев.

Тој вели дека во литературата се опишани и живото-загрозувачки случаи, а и тој самиот бил сведок на некој од нив.

– Солната киселина е корозивно-нагризувачка супстанца, па ако изложеноста е долготрајна, може да направи тешки оштетувања, не само на горните, туку и на долните респираторни патишта и ќе го поремети дишењето и размената на гасови – потенцира Чибишев. 

(А.П.)