„Заедно игравме во претставата ‘Болва в уво’, а Мешко беше неверојатен тип за импровизации и не се знаеше кога претставата ќе заврши. А тоа го правеше маестрално. Кога играше ги одушевуваше сите. Тој беше и главен песнопоец. За Мешко ќе се сеќавам само по прекрасната дружба. Се надевам дека горе играат бриџ со брат ми Дади и Мичо Егегеецот, кажа Коле Ангеловски за својот колега и пријател Димче Мешковски на комеморацијата во Драмскиот театар во Скопје 

„Бунтовен, критички расположен, но многу инспиративен, со неверојатно комичен израз, артист кој на Драмски му носеше билет повеќе. Всушност Мешко беше нераздвоен од Драмски и Драмски од него. Играше во култните претстави ‘Диво месо’, ‘Солунски патрдии, ‘Јане Задрогаз, во ‘Викенд на мртовци’…Тој е еден од оние актери кои беа синоним за Драмски. Име кое еднакво со восхит се изговара како од публиката, така и од критиката – Мешко“. Со овие зборови актерката и директор на Драмскиот театар, Маја Вељковиќ-Пановска се прости од својот колега Димче Мешковски, на вчерашната комеморација, која во присуство на пријателите и колегите се одржа во Драмскиот театар во Скопје.

Димче Мешковски почина на 20 март, на 77-годишна возраст, во Флорида, САД, каде што живееше долги години. Роден е на 31 октомври 1945 година во Скопје. Студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а станал професионален актер во 1967 година, кога се вработил во Драмски каде што останува сè до заминувањето во 2001. Во тие 34 години плодно творештво остварува забележливи улоги…

Во „Викенд на мртовци“ беше легендарниот Тасе, во „Солунски патрдии“ го играше Секула, а нè смееше и како дел од екипата на „Женски оркестар“, „Хихирику“ и многу други…. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело. Токму за професионалната соработка и заедничките моменти на дружење на сцена и на филм исполнети со смеа, зборуваше режисерот Коле Ангеловски.

„Јас имав среќа и задоволство да се вработам во Драмски во 1967 и на работа ме примија Мешко и Дади (Владимир Ангеловски). Тие иако помлади од мене веќе беа вработени во Драмски и веројатно по некоја братовска врска бев примен и јас. Оттогаш со Мешко секојдневно се дружевме, на проби, снимања, претстави. Така што повеќе поминав време со Мешко отколку со моето семејство дома. Заедно игравме во претставата „Болва в уво“, а Мешко беше неверојатен тип за импровизации и не се знаеше кога претставата ќе заврши. А тоа го правеше маестрално. Кога играше ги одушевуваше сите. Тој беше и главен песнопоец. За Мешко ќе се сеќавам само по прекрасната дружба. Се надевам дека горе играат бриџ со брат ми Дади и Мичо Егегеецот’, кажа за својот колега и пријател Коле Ангеловски.

Преку писмено обраќање најубави спомени за својот татко споделија неговите ќерки, Јасна и Наташа. Нивните зборови беа “Растевме во Драмски и ги гледавме сите негови претстави, беше привилегија да се биде дете на Мешко. Тој беше човек од кој имаше што да се научи, со ведар дух и позитивен бескрајно, со исклучително добра смисла за хумор… и голема потпора во живот“.

Актерот Драган Спасов-Дац, пак, се потсети на Мешко како на колега и татко…

„Мешко, глумците не умираат, глумците немаат години и на своите матични сцени остануваат долго, долго по нивното физичко заминување. Зад нив остануваат нивните претстави, филмови, анегдоти, нивните загрижени и насмеани лица. Е таков те паметам насмеан, полн со дух, живот, енергија…“, кажа Спасов. (Д.Т.)