Солзи радосници на Верица Ристевска, моќното пеење на Лидија Кочовска и „Чија си“ со Славе Димитров за незаборавен крај

816

Да не беше традициноналната, овој пат јубилејната 15-годишната „Бела ноќ“, тоа задоволство немаше да ни се случи. А, станува збор за носталгичниот настан „50 години од Скопскиот фестивал“, настан кој викендов се одржа пред платото на „Универзална сала“, која по сè изгледа и понатаму е оставена на милост и немилост. Затоа сите учесници но и многубројната публика гласно побараа „Универзалан сала“, која со себе носи над стотина вредни спомени, треба реновирана да им се врати на скопјаните и воопшто на публиката во Македонија. Старите хитови од Скопските фестивали се пееја токму пред салата во топлата есенска ноќ, а низ волшебно-носталгична приказна не водеа харизматичните водители Елена и Марко.

На почетокот на концертот Сашо Гигов-Гиш рече дека „сите сме оставиле солзи во Универзалната сала“, па ја испеа моќната „Самовилска свадба“, со која за малку и ќе заминеше на „Евровизија“, а не потсети и на незаборавната „Сè што сакав“ од репертоарот на Симеон Гугуловски. Ѓоко Танески беше брилијантен со евровизиската „Јас ја имам силата“, а и „Само ти“ од репертоарот на Зоран Милосављевиќ.

Преубава песна донесоа и „Ај кју“, победничката од скопскиот „Убава моја“ од пред некоја година. Но исто така не потсетија и на хитот „Не заборавај“, кој го пее Калиопи, која за жал не се појави, како што не дојде ни Маја Оџаклиевска од оправдани причини…..
Сепак, публиката своите емоции како да ги покажа најмногу кога легендарната Верица Ристевска ја испеа легендарната „Има еден галеб тажен“. Публиката врискаше, ракоплескаше, а драга Верица пушти неколку солзи радосници…..Многу „Скопски фестивали“ беа незамислив и без Драган Мијалковски, па така тој не потсети на песни-евергрини: „Оди си“ и „Гитаро моја“.

Исто така емотивно, со сјајна зрела и високо професионална интерпретација ја видовме секогаш одличната Лидија Кочовска во песната „Што те нема“, која беше исклучително доживување… покрај сите овие интерпретатори освежување беше и младата и атрактивната Сара Мејс со „Градина од цреши“, која ја испеа свирејќи ја на клавијатури, и ако поголемо ракоплескање доби кога го испеа хитот „Врне, врне“.

Носталгичната вечер пред „Универзална“ сепак заврши, некако многу брзо, кога сите заедно на сцената ја испеаја секогаш хитовската и никогаш здодевната песна, вечната „Чија си“м музичко ремек-дело со Славе Димитров, додека на сцената им се придружи и распеаната Блага Петрескам која истрча од публиката, и кажа дека „Тоа е Македонија, тоа се песните, тоа е публиката на која ù фалат токму вакви шлагер-мелодии…“

Не смее да се заборави и одличниот Биг-бенд, со одличниот диригент Љупчо Мирковски, како и придружните вокали Ана и Сара….Едно големо браво, за сите, за вечер која долго ќе се памети!   Текст и фото: Дуле М.