Романот на Јован Павловски „Сок од простата“, веднаш по појавувањето во 1990 година, ги разбранува литературните и културните води во Македонија. Беше најчитана книга во времето на нејзиното објавување, беше прогласена за најчитана книга во Србија, а до денес има седум изданија на македонски јазик, како и преводи на други јазици

По повод 85 години живот и 65 години творечка дејност на писателот, енциклопедист и публицист Јован Павловски, синоќа во Културно-информативниот центар беше промовирана книгата „Сок од простата: јубилејно издание“. Освен романот „Сок од простата“, во изданието на книгоиздателството „Ми-Ан“, поместени се и критички осврти за творештвото на Павловски од академик Катица Ќулафкова, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, проф. д-р Гоце Смилевски, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, доц. д-р Бобан Карапејовски и м-р Иван Антоновски.

Промоторката на романот проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска истакна дека „Сок од простата“ покажува дека еротизираноста не доаѓа само од постелата, не се случува само во постелата, туку многу повеќе извира од и во социјалното и општествено живеење. Потенцира дека оваа издание е посебно и по тоа што во него се поместени и осум текстови што од повеќе аспекти книжевен, јазичен, културолошки и социолошки го читаат творештвото на Јован Павловски.

– За Катица Ќулавкова провокација е да се произнесе за неговото поетско творештво, при што го чита низ призма на неговите митски, историски и поетски слики. Во текстот „Правдата и ѕвездите“ проф. д-р Наташа Аврамовска својот интерес го насочува кон романот „Град, години, луѓе“ од 2019 на Јован Павловски. Таа го чита како запис за будењето во сонот со кој говорат пред сите. Проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, тргнувајќи од фактот дека опусот на Јован Павловски неправедно е подзаборавен од книжевната критика и книжевната наука, решава да ја поправи донекаде оваа грешка и се фаќа со сериозна работа, да го подреди, да го класифицира, но и да ги толкува Јовановите прозни остварувања. Проф. д-р Гоце Смилевски се осврнува на романот „Сок од простата“, кој го квалификува како роман за еросот, отуѓеноста и општествената ентропија. Проф. д-р Владимир Мартиновски вели дека во поетското творештво на Јован Павловски има неколку битни поетички и тематски мотивски пресврти кои се битни како за неговиот поетски пат така и за развојот на современа македонска поезија. Трудот на проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска се надоврзува и се осврнува на најновата стихозбирка на Павловски „Тоа беше само сон“. Таа ја исчитува како своевидна синтеза на неговата шестдецениска мошне оригинална и автентична поетска авантура. Доц. д-р Бобан Карапејовски го има за предизвик јазикот и стилот на Јован Павловски, а м-р Иван Антоновски пишува за еден подзаборавен сегмент на творештвото на Павловски, поточно за двете поетски книги за деца, истакна Мојсова-Чепишевска, читајќи дел од освртите на книжевните критичари за творештвото на Павловски.

Инаку, култниот роман на Павловски „Сок од простата“, веднаш по појавувањето во 1990 година, ги разбранува литературните и културните води во Македонија. Миодраг Друговац за „Сок од простата“ напиша дека тоа е „едно од најоригиналните дела на македонската и југословенската литература, скапоцен алем-камен во мозаикот на нејзините вредности. Тоа е еротичко дело што фасцинира!“

Петар Т. Бошковски подвлекува дека „романот на рамниште на модерен жанр, на главна врата ја внесува еротиката во современата македонска литература, ја внесува со достоинство на комплетно остварување, кое ја има енергијата на неодоливата уметничка мотивираност и инспирација, и кое носи печат на авторска оригиналност“.

На одобрувањето на критиката ѝ се придружија читателите: „Сок од простата“ беше најчитана книга во времето на нејзиното објавување, беше прогласена за најчитана книга во Србија, а до денес има седум изданија на македонски јазик, како и преводи на други јазици.

Реномираната „Хрватска енциклопедија“ на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб, „Сок од простата“ го определува како првиот македонски еротски постмодернистички роман.

Како што посочуваат од книгоиздателството „Ми-Ан“, пак, „Сок од простата“ не е само еротски роман. „Како и во своите други дела, Павловски му остава на читателот да избере која наративна линија ќе ја следи. Бездруго, романот може да се појми како еротска проза, проза која со директноста на изразот и со неговата реалистичност се стреми да ги пробие елитизираните, закоравени ставови за пристојното/непристојното, да ја деконструира хипокризијата на „високата литература“. Но… исто така, ‘Сок од простата’ е длабока лирска приказна за осаменоста и културниот шок, за страста и љубовта, за несигурноста во сопствените чувства и колебањето: која е разликата меѓу страста и љубовта. Секако, романот носи во себе и сериозна социјална приказна за моќта и немоќта, за општеството кое жестоко дејствува на нас, за парите и очекувањата на Другиот за тоа како треба, мора или е ‘исправно’ да се однесуваме. Со еден збор, ‘Сок од простата’ е комплексен роман кој покренува редица прашања, универзално актуелни. Тоа е роман кој, на свој начин, нуди и можни одговори на тие прашања. Дали ќе ги прифатиме или не, зависи од нас“, додава издавачот.

Јован Павловски е автор на повеќе од 40 книги, поезија и проза и над дваесет публицистички трудови. Особено е значаен неговиот придонес во македонската енциклопедистика. Тој е уредник и издавач на првата македонска општа енциклопедија. Павловски во три мандати беше претседател на Друштвото на писателите на Македонија и е добитник на високи литературни и државни награди.