Јачменот е една од најстарите намирници во Европа. Се користел за исхрана и во древен Египет и Месопотамија. Со него се хранеле грчките олимпијци и римските гладијатори за да добијат сила и енергија.

Орѕото е јадење од јачмен, а името е комбинација од зборовите орѕо (на италијански значи јачмен) и рижото. Овој специјалитет потекнува од северна Италија и има безброј верзии.

Она по што се разликуваат орѕото од рижото е времето за подготовка. На јачменот му треба повеќе време да се свари. За да го забрзате процесот, јачменот можете да го оставите преку ноќ да отстои во млака вода.

Потребно е:

  • 1 филџан јачмен
  • 1 главица кромид
  • 150 г печурки
  • 300 г бело пилешко месо исечкано на коцки
  • 1 филџан супа од зеленчук
  • кари
  • ѓумбир во прав
  • ливчиња магданос
  • 3 лажици рендан пармезан
  • ½ филџан свежо цеден сок од лимон
  • сол
  • бибер
  • маслиново масло

Подготовка:

Во тава на ниска температура пропржете го кромидот на маслиново масло. Пополека додајте го јачменот што сте го киснеле во млака вода, мешајте, па додадете ги парчињата пилешко месо.

По две минути додадете ги печурките, па промешајте. По неколку минути ставете ја супата од зеленчук. Повремено мешајте и досипувајте супа.

Додадете сол, бибер, кари и ѓумбир. По половина час пробајте дали јачменот е доволно мек. Ако не е, проварете уште малку.