Советот на Општина Тетово во текот на март не одржа седница

65

Во текот на март не се одржа ниту една седница на Советот на Општина Тетово. Претседателот на Советот, Беким Мемети, образложува дека иако некои други општини одржале седница, во консулатација со други институции одлучено е да не се одржи редовната седница.

-Како претседател на Совет на Општина Тетово одлуката да нема седница за март ја донесов откако се консултирав со градоначалничката на Општината, колегите од другите општини, кординаторите на политичките партии, исто така и со Заедницата на единици на локални самоуправи (ЗЕЛС) како и согласно препораките од Владата за превенција од ширење на коронавирусот. За месец април ќе почекаме да видиме како ќе се одвиваат работите. Ако биде потребно некоја итна седница да се свика во меѓувреме сметам дека советниците се целосно подготвени да присуствуваат, изјави Мемети.

Од опозицијата бараат свикување на итна седница на Советот со цел да се донесат мерки за справување со негативните ефекти од кризата поради епидемијата на Коронавирусот.

-Градоначалничката Теута Арифи веднаш да предложи итни мерки, да се откаже од дел од средствата од најголемите приходни ставки (комуналиите, комуналните такси, закупот на јавен простор, другите давачки и сл.) со цел да им помогне на граѓаните и правните лица кои што редовно ги плаќаат давачките кон градот. За таа цел, повикувам да се свика итна седница на Советот, со цел градоначалничката да донесе низа мерки, како на пример да преземе дејствија за спуштање на минимум на комуналната такса за закуп на јавен простор за 2020 година, да ја намали фирмарината за стопанските субјекти согласно законскиот минимум, да донесе одлука за замрзнување на обврската за плаќање на зонско паркирање, одложена исплата на комуналиите, ваучери за социјално загрозените категории, ваучери за храна за сиромашните, да обезбеди телефонска линија за помош на социјално загрозените категории, да обезбеди компјутери за децата кои што немаат услови да следат онлајн настава. Конечно да ја пушти во употреба градската капела и.т.н, истакна Александар Велјановски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Овој состав на Советот на Општина Тетово е од локалните избори во 2017 година кога се избраа 31 советник. ДУИ има девет советници, Беса шест, ВМРО ДПМНЕ пет, СДСМ и ДПА по три и една советничка има Демократската партија на Турците.

Извор:МИА