Десетте града низ државата што се вклучија во акцијата „Нахрани 10.000“ ја надминаа планираната храна што сакаа да ја соберат, обезбедувајќи шест тони храна наменета за социјално загрозени категории лица и семејства.
Илјадниците граѓани и десетината компании кои се вклучија во акцијата донираа ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
Како што велат од акцијата, при собирањето на храната помогнале над 200 волонтери од дваесеттина организации, кои изминатиот период ја пакувале храната во пакети и почнале да ја делат храната на социјално загрозените граѓани од нивните општини.
– Акцијата покажа дека хуманоста е силна страна на нашите сограѓани, па затоа се надеваме дека ќе се зголеми нивниот интерес со посебен фокус на компаниите, велат од акцијата „Нахрани 10.000“.