Собрани половина од средствата за лекување на четиригодишната Симона Хаџи-Тошев

146

Собрани се околу 70.000 евра за лекување на четиригодишната Симона Хаџи-Тошев, која боледува од леукемија, изјави за МИА Борис Шарковски, пријател на семејството, но и дел од тимот, што ги организира хуманитарните акции.

Тој рече дека тоа се речиси половина од средствата кои се потребни за лекување на малата Симона, која во моментов е хоспитализирана на Клиника во Загреб.

– Како што веќе информиравме уплатени се првите 30.000 евра, кои се потребни за примање на правата терапија, односно сега е на хемотерапија. Втор дел од лекувањето е наоѓање донатор за коскена срцевина, бидејќи според испитувањето, никој од семејството не е потенцијален донатор. Третата фаза е пресадувањето за кое се потребни над 70.000 евра. Лекувањето ќе трае од девет до 12 месеци-објасни Шарковски.

Тој се заблагодари што за само десет дена преку хуманитарни акции, интернет платформи, отворените мобилни телефони и донациите од бизнис секторот и хуманите граѓани се собрани половина од средствата. Воедно, апелираше граѓаните да бидат хумани и да продолжат да донираат  на жиро сметката 270-7000448932-95 Халкбанк-Скопје и на телефони за донации 143460 на А1 и 143424 на Т-мобиле.