Собрани два камиона отпад од дното и од крајбрежјето на охридскиот бисер

150

Расфрланиот смет низ државата и безбројните диви депонии даваат грда слика на големото природно и културно богатство со кое изобилува оваа држава. Затоа, една од клучните мисии во заштитата на животната средина е воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад, со што еднаш засекогаш ќе се реши овој проблем, истакна министерот за животна средина Насер Нуредини по повод започнувањето на новата долгорочна платформа за општествена одговорност – „Наша гордост. Наша одговорност“, чија главна цел е заштита на животната средина со фокус на чистењето на отпадот на националните обележја и заштита од загадување.

– Отворени сме за соработка и за поддршка на сите оние што сакаат да се вклучат во тој процес, било со конкретни активности било со акции за подигнување и градење на свеста дека отпадот има свое место, дека секој отпад не е ѓубре и најголемиот дел има употребна вредност. Дека со градење добри навики за постапување со отпадот, придонесуваме за чиста животна средина, за зајакнување на економијата и најпосле и за заштита на сопственото здравје – изјави Нуредини.

Носител на платформата е скопска „Пивара“, преку брендот „скопско“, а во партнерство со МЖСПП и компанијата „Пакомак“. Во акцијата што беше организирана деновиве, учествуваа волонтери од општините Охрид, Струга и Дебрца, нуркачките клубови „Амфора“ и „Акватек“, „Пивара“ – Скопје и „Мен анд маунтаин“ и беа исчистени над 100.000 квадратни метри отпад од дното и од крајбрежјето на Охридското Езеро. Вкупниот собран отпад е еквивалент на два полни камиона.

Во наредниот период се планира поставување мрежи на влевањето на реките и потоците во езерото, со кои ќе се задржува пластичниот и другиот кабаст отпад што го нагрдува езерото.

– Проектот целосно ги поддржува заложбите на „Пивара“ – Скопје за одржливост, согласно со платформата „Свет без отпад до 2030 година“, како и намалување на нето јаглеродните емисии на компанијата до 2040 година. Таа ја поддржува заедницата и треба да ги обедини и да ги инспирира луѓето да дејствуваат за да го направиме светот подобар, сите заедно. Заедно ја делиме одговорноста за да го исчистиме и за да го заштитиме од загадување она што е наша гордост – природните и културните обележја на нашата земја – потенцираше генералниот директор на Пивара – Скопје, Горан Сладиќ.

За наредната година, планирани се уште неколку акции за чистење, како и активности за пошироко вклучување на заедницата, за јакнење на свесноста и заштитата на националната гордост –Охридското Езеро.

Извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски, потенцираше дека рециклирањето е еден од најлесно применливите модели од циркуларната економија кон која стремиме, а со селекцијата и рециклирањето на отпадот најбрзо и најлесно може да придонесеме, како индивидуи, кон спас на нашата земја и на планетата. Тој ги повика граѓаните и компаниите да „селектираат иднина“ и да ги поддржат во оваа заложба.

Во годините што следуваат, „скопско“ ќе опфати и други национални обележја во нашата земја.

Заштитни зони околу изворите за пиење вода

Владата треба да ги донесе 22. подготвени предлог-одлуки за определување заштитни зони за водни тела што се користат за консумирање од човекот, како и за начинот на нивно донесување. Ова го потенцираше министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на средбата со директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат при Министерството за здравство, Рената Младеновска, со која разговараше за предизвиците што ѝ престојат на нашата држава во постапката за определување заштитни зони околу објектите за јавно водоснабдување.

Нуредини и Младеновска, како што се наведува во соопштението, се согласија дека снабдувањето со исправна вода за пиење е врвен приоритет на нашата држава и дека сите граѓани на оваа држава го заслужуваат тоа право, кое е уставно загарантирано. За таа цел, двајцата се заложија дека во наредниот период интензивно ќе се работи на донесување на сите предлог-одлуки за определување заштитни зони околу водни тела што се користат за консумирање од човекот.

(С.Бл.)