Собраниската седница за уставни измени презакажана за утре во 12 часот

161

Собраниската седница на којашто требаше да почне последната трета фаза од уставните измени согласно Договорот од Преспа е презакажана за утре во 12 часот.

Првично седницата денеска требаше да се одржи во 13 часот, а потоа беше одложена за 15 часот, но не започа. Премиерот Зоран Заев денеска преговараше со партијата БЕСА на Биљал Касами и околу нивните барања, со фокус на начинот на кој ќе се дефинира државјанството, но засега нема информации за текот на преговорите.

Претходно денеска премиерот Заев рече дека Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“.

– Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично, изјави Заев.

Пред Собранието втор ден се одржува протест во организација на здруженијата „Тврдокорни“, „Македонија блокира“, „Македонско христијанство“ и партијата „Единствена Македонија. На граѓаните пред Собранието денеска попладне им се приклучи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе им се обрати на присутните.

За да поминат уставните измени во трета фаза е потребно двотретинско мнозинство, а како што посочи и самиот Заев, како и портпаролот на СДСМ Костадин Костадиновски, дали такво мнозинство има ќе се знае на денот на гласањето. Притоа не посочија кога точно тоа ќе се случи.