Собранието ги изгласа членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

55

Собранието вечерва ја усвои одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за која „за” гласаа 61 пратеник, без „против“ и „воздражни“.

Општата пленарна расправа беше завршена пред десетина дена и ова беше единствена преостаната точка од 31-та седница на Парламентот, а листата на кандидати за членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беше утврдена на седница на Комисија за прашања на изборите и именувањата на 5 јануари.

За членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беа предложени Игор Јадровски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Неда Чаловска-Димовска, дипломиран правник од Скопје, Лимко Бејзароски, политиколог и доктор по историски науки од Пласница, Ирфан Деари, лекар специјалист од Боговиње, со мандат од пет години, додека Кире Василев, политиколог од Битола, Исмаил Камбери, магистер по правни науки, и Весна Бендевска, психолог од Битола, беа предложени за мандат од три години.