Со одличните партии во дресот на Далас, Лука Дончиќ постави два рекорда во НБА лигата. Тој на два последователни натпревари во НБА-лигата постигна најмалку 29 поени, 15 асистенции и 13 скокови. Ова е нов рекорд во лигата. Дончиќ, исто така, стана најмладиот играч што направил трипл-дабл во два натпревари по ред, со најмалку 25 поени.

Словенецот на средбата против Кливленд оствари трипл-дабл, постигнувајќи 29 поени, 15 асистенции и 14 скокови. На претходниот натпревар (против Лејкерс) имаше троен ефект од 31 поен, 15 асистенции и 13 скока.

Инаку, пред него, единствено Оскар Робертсон успеал да забележи на два натпревари најмалку по 25 поени, 15 асистенции и 10 скокови. Тоа се случи во далечната 1965 година.

Дваесетгодишниот Словенец во Далас е од 2018 година. Пред тоа, играше за Реал Мадрид со кого стана трикратен шампион на Шпанија, двократен освојувач во Купот, како и победник во Евролигата. Со словенечката репрезентација стана шампион на Европа во 2017 година.

Од натпреварите кои се одиграа во НБА лигара постигнати се следните резултати: Индијана – Чикаго 108:95, Мајами – Хјустон 129:100, Њујорк – Сакраменто 92:113, Сан Антонио – ЛА Лејекрс 96:103, Кливленд – Далас 111:131, ЛА Клиперс – Јута 105:94.