Снимките од камерата пред дискотеката најдрагоцени за истрагата- Кој го уби Денис Тот?!

1057

 

 

Дезинформации не помагаат во истрагата, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и, меѓу другото, информира дека во рамки на истражните дејства, на разговор во полициска станица се повикани и управителот на дискотеката и вработената во четвртокот напладне, но и сите лица кои биле од интерес за истрагата и можат да помогнат

Хрватско Ѓаково се збогува со 27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот, кој почина во Скопје, откако беше претепан пред дискотеката „Привилиџ“ во Градскиот парк.

„Тој беше вистински пријател“, со тага изјави неговиот поранешен тренер Даниел Шпехар за дневникот на хрватската телевизија „Нова“. „Секогаш доаѓаше во Ѓаково на паузите што ги имаше меѓу првенствата, особено во летните паузи, да тренира во сала за дополнителни тренинзи. Постојано се поздравуваше со сите, беше срдечен“, изјави тренерот Шпехар. Пријателот на Денис и поранешен соиграч, Кристијан Ексеричиќ, изјави дека Денис имал големо срце и бил талентиран спортист.

Смртта на хрватскиот ракометар ја потресе земјава, а шокот стана уште поголем откако излезе на виделина вознемирувачка снимка од безбедносните камери пред дискотеката „Привилиџ“, за која се тврди дека е од убиството на младиот човек, а, веројатно, е од „Сејф сити“. Иако нејасно, на снимката се гледа како машко лице го удира Тот, по што тој паѓа во бессознание. Додека тој беспомошно лежи, друго машко и едно женско лице продолжуваат да го удираат со клоци во главата. Она што е необјасниво е фактот што претепувањето до смрт на Тот го следат десетина луѓе присутни во моментот, но само едно лице се обидува да интервенира да го спречи насилството. Се чини дека снимките од камерата на ноќниот клуб се покажале како најдрагоцени за истрагата.

Првично, МВР и клиниката КАРИЛ тврдеа дека на телото на Тот немало траги на насилство, но од Судска медицина утврдија дека смртта на младиот ракометар е последица на насилство. Овие изјави беа доволни за во јавноста да се шпекулира дека некој се обидува да ја забошоти целата работа. Ова го демантираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој нагласи дека првичните информации дека нема траги на насилство, како што рече, ги добиле и полициските службеници кои работат на овој случај. Потврди дека за едното лице по кое се трага и има централен распис, ќе се распише и меѓународна и домашна потерница и засега во официјално МВР немаат податок дека тоа лице ја напуштило државата, а приведени се две лица учесници во настанот. Спасовски рече дека полицијата располага со видеоснимка на која детаљно се гледа како се одвива настанот, а од разговор постојат повеќе искази за тоа што била причината за настанот.

– Според изјавите што ги имаме, тоа е некакво лично недоразбирање меѓу девојката и момчето – информира вчера  министерот Спасовски.

Дезинформации не помагаат во истрагата – порача Спасовски и, меѓу другото, информира дека во рамки на истражните дејства, на разговор во полициска станица се повикани и управителот на дискотеката и вработената во четвртокот напладне, но и сите лица кои биле од интерес за истрагата и можат да помогнат.

– Сите предмети што се и од настраданиот и од осомничените лица се преземени кај истражните органи. Тие ќе бидат вештачени за сè да биде како што треба. Институтот за судска медицина ја вршеше обдукцијата и ги даде резултатите, и тие се дел од истражниот процес. Полицајци не присуствуваат на тој процес, туку Институтот ја врши обдукцијата. Ги имаме земено облеката што ја носел, телефонот и сите предмети што биле со него во тој момент – изјави министерот Спасовски.

Министерот наведе дека се прибираат податоци и информации во однос на сите аспекти и оперативно се работи, по што ќе се видат резултатите од целиот настан.

– Веднаш по добивањето на информацијата, нашите екипи се излезени и одат првично во Клиничкиот центар. Понатаму се бараат информации од Брза помош за да видиме од каде е подигнат човекот и се преземаат сите последователни чекори. Информацијата пласирана прва во јавноста се базира токму на увидот и анализата што ја направиле медицинските лица во Клиничкиот центар. Инаку, истражните дејства продолжуваат понатаму сè до моментот на расчистување – потенцира Спасовски.

Што довело до насилната смрт на младиот ракометар, Обвинителството сè уште истражува. На снимките од надзорните камери се идентификувани напаѓачите, и додека двајца се притворени, третиот сè уште е во бегство. Кај ракометарот биле утврдени четири подливи во мозокот.

Снимките од камерата на ноќниот клуб се покажале како најдрагоцени за истрагата, велат од Обвинителството.

– Дејствата се јасно видливи на камерата од клубот. Има и други лица очевидци, кои нe учествуваат вo настанот на никаков начин. Дури кога гледаат дека тој останува да лежи неподвижен, пoчнуваат да му даваат помош, масажа на срцето…“ – објаснува шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.

Наводно и некои од тројцата осомничени кога сфатиле дека тој изгубил свест, се обиделе да му дадат помош, но кога виделе дека не реагира, брзо заминале. Како што е познато, лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош, по што сега починатиот бил пренесен во Ургентниот центар.

Осомничени за убиството се 28-годишниот А. Ѓ., кој е и првоосомничен; 22-годишниот А.К. и 19-годишната К.Л. Двајцата веќе се во притвор, а првоосомничениот е недостапен за органите на прогонот и по него е распишан централен распис. По налог на судија на претходна постапка, бил извршен претрес во неговиот дом и привремено се одземени предмети што ќе бидат доставени на вештачење.

Во меѓувреме, се откриваат уште системски недоследности во институциите. Имено, дел од медиумите откриваат дека дискотеката „Привилиџ“ работела без лиценца.