Снимано во живо на Инстаграм: Грозоморно убиство на сестри близначки во Бразил

766

Две 18-годишни сестри близначки се застрелани од огнено оружје во Бразил, а нивната грозоморна егзекуција била прикажана во живо на Инстаграм, пишува Дејли стар.

Безживотните тела на Амалија и Аманда Алвес биле пронајдени само неколку часа откако се убиени покрај пат зад станбен комплекс во Пакејтас, Бразил.

Аманда Алвес остави зад себе тригодишна ќерка, додека нејзината сестра близначка Амалија Алвес стана мајка на момче пред само шест месеци.

Матеус Абреу, тинејџер осомничен за масакрот, е уапсен и испитуван од полицијата.

На видеото се снимени вознемирувачките последни моменти на сестрите додека клечеле една покрај друга на земјен пат. Извештаите велат дека близначките биле принудени да ја соберат косата во пунџа пред Абреу наводно да им стави пиштол на тилот и да испука куршуми.

Потоа, тој наводно испукал уште два куршума кон едната сестра и четири кон другата.

Иако бразилските власти допрва треба да го откријат конкретниот мотив за убиствата, локалните медиуми пишуваат дека причината била што сестрите „знаеле премногу“ за инцидентите во кои се вклучени локални дилери на дрога.

Локалното население кое живее во оваа област избезумено повикало полиција откако телата биле пронајдени на истата локација каде што биле убиени.

Медиумите пренесуваат дека осомничениот тинејџер претходно бил апсен најмалку седум пати.