Олимписките квалификациски турнири во два спорта беа преместени од кинескиот град Вухан, поради избувнување на нов вид корона-вирус. Овие информации беа потврдени откако вирусот започна да зема и човечки животи.

Од Вухан во Нинџинг беше преместен квалификацискиот турнир во женски фудбал, додека пак квалификацискиот турнир во бокс, кој требаше да се одржи од 3 до 14 февруари е целосно откажан.

Бројот на мртви од новиот вид корона-вирус што инфицираше стотици луѓе во Кина се зголеми од девет на 17, соопштија кинеските власти. Вкупниот број на заразени со вирусот се зголеми на 444 во Хубеи, епицентарот на заразата, соопштија официјални лица во провинцијата во централна Кина.

Вирус од семејството Сарс (тежок акутен респираторен синдром) се појави минатиот месец во Вухан, провинцијата Хубеи и се рашири во повеќе земји во Азија, при што првиот случај е пријавен во САД.

Инаку, инфекцијата Сарс пред 17 години зема над 800 животи, па властите стравуваат од слична пандемија.

Новиот, брзорастечки корона-вирус, кој веројатно ќе потекнува од лилјаци, иако генетски сличен на вирусите САРС или МЕРС, припаѓа на друга група наречена бетакоронавирус, според една кинеска студија. Овој вирус може да зарази диви животни и луѓе. Првите инфекции биле откриени на рибниот пазар во Вухан, кој оттогаш е затворен, пренесува „Дојче веле“.