Смеј се, пеј и ќе биде сè ОК!

187

Повеќе од четири часа специјалната обвинителка  Катица Јанева очи в очи со обвинителката  Вилма Рускоска, придружувана и од адвокатот Стеван Павлевски, даваше исказ за случајот „Рекет„.

Што открила Јанева, чиј глас се слуша во дел од телефонските разговори на Орце Камчев и првоосомничениот Бојан Јовановски засега не се соопштува.

Присуството на адвокатот на вчерашниот исказ го отвори прашањето за тоа дали Јанева е сведок или осомничена. Не е вообичаено на изјава на сведок да присуствува и адвокат, освен ако повиканиот не е жртва или оштетено лице.

Адвокатот Стеван Павлевски кој ја придружуваше Јанева е адвокат и на еден од осомничените во случајот „Империја“, Цветан Панделески, сопственик на „Пелистерка“. „Империја“ е случај на СЈО.

– Катица, не си на распит – ѝ сугерираше адвокатот Павлески на Јанева додека таа по исказот одговараше на прашањата од новинарите.

Јанева, откако даде исказ, рече оти очекува да има судење за овој случај на кое, според неа, ќе се расчистат многу дилеми. Новинарите ја прашаа и за гласот што се слуша на снимките од „Ла верита“, односно дали е таа која му вели на Орце Камчев да не се секира за ништо, дека сѐ ќе биде океј.

– Мора да бидете стрпливи. Не смеам да го кажам тоа. Не се споделуваат информации во истрага. Се надевам ќе има судење каде ќе бидете присутни, ќе се гледаме уште – рече Јанева.

Обвинителката доби и прашање дали се чувствува виновна, на што кратко одговори „Не“. За Камчев, пак, посочи дека тој уште е осомничен и дека не знае каде е.

Таа беше прашана и зошто била планирана спогодба за случаите „Поштенска банка“ и за „Империја“, но посочи дека има време и дека тоа ќе се разјасни.

Гласот на Јанева се слушна во дел од една од снимките кои ги објави онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла верита“. Во еден од телефонските разговори помеѓу Бојан Јовановски и бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во „Империја“, се слуша како таа му кажува на Камчев да не се секира, зашто сѐ ќе биде ОК.

Засега, во овој случај осомничени се само Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец, кои веќе 35 дена се во притвор.

Досега во Обвинителството искази дадоа тројца обвинители од СЈО, Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми. Во понеделникот на распит беше донесен второосомничениот Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Катица Јанева и Лиле Стефанова беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.