Голем скандал со перење пари и злоупотреба на службената должност ја тресе Фудбалската Федерација на Македонија. Како што објави „А1он“, главната сметководителка на федерацијата – О.М., се сомничи дека со години допишувала нули на фактурите за да добие повеќе пари од ФИФА и УЕФА, водела двојно книговодство, соработувала со фирми со кои давале услуги на ФФМ, го делела ќарот со нив и ја оштетила Федерацијата за повеќе од 1.000.000 евра.

Вработени во федерацијата за „А1он“ велат дека сметководителката водела луксузен живот. Доаѓала на работа со чевли од илјада евра, и со чанти кои чинат од неколку нејзини плати.

Иако таа со години водела луксузен живот од Федерацијата во неа се посомневале во октомври минатата година.  И поднеле кривична пријава, како и против  непознати лица за кои претпоставуваат дека и помагале.

  • Се уште не знаеме за колку точно пари се работи, но сумата не е мала, а истрагата ќе утврди за кој износ станува збор. Федерацијата веднаш презеде мерки кога откри за проневерата на парите, прво ја суспендираше сметководителката, а потоа и беше врачено и отказно решение, веднаш по 10 октомври минатата година кога воедно беше поднесена и кривичната пријава во јавното обвинителство, изјави за весникот ВЕЧЕР, портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.

Истражителите кои работат на случајот за „А1он“ велат дека упсеале да откријат повеќе од милион евра проневерени пари но само за последниве две години. Допрва ќе се исражува периодот пред 2017 година и се очекуваат сумата значително да порасне.

Нивниот впечаток е дека на ФФМ и се случил „Боки13 два“, алудирајќи на случајот „Рекет“.

Од управата на финансиската полиција за „А1он“ кусо потврдија дека и тие работат на финансикиот скандал во ФФМ.

-Се врши детална проверка и ревизија на целото финансиско работење на ФФМ за неколку години, се вели во кусата изјава од финансиската полиција.