Сметководителите и Министерството за финансии во војна со зборови

297

Вистинска војна со зборови се разгоре меѓу Министерството за финансии и сметководителите откако завчера Комората на сметководители при ССК обвини дека новите мерки на министерството ќе ја зголемат сивата економија и ќе им ја отежнат работата во периодот кога се најмногу ангажирани за изготвување на завршните сметки.

-Мерките кои ги иницираме и носиме се однесуваат на намалување на сивата економија,  поволности за даночните обврзници и поедноставување на постапките, вклучително и за сметководителите – накратко сосема спротивно од тврдењата изнесени од Комората на сметководители, се изјасни Министерството за финансии.

Оттаму појаснија дека наспроти обвинувањата дека со подигање на прагот за царинење на малите пратки на 90 евра не се поттикнува сивата економија како што велат сметководителите, туку се делува контра неа, зашто се губи мотивот да се избегне плаќањето увозни давачки. Се додава дека тоа е препорака на Европската комисија.

Од Министерството сметаат дека неосновано е и обвинувањето дека сметководителите се оптоварени со образецот за даночен биланс, зашто, како што велат, со него значајно се прецизираат даночните позиции што е форма на олеснување на сметководителите. Оттаму исто така посочуваат дека се отворени за дијалог со бизнисот.

На ова од Комората на сметководители веднаш одговорија дека при промените до нивната примена секогаш треба да се остави време од најмалку шест месеци за компаниите да имаат доволно долг период да се прилагодат, а сметководителите и советниците да ги проучат импликациите врз нивното работење.

-Измените на образецот Даночен биланс стапија во сила по нивното објавување во „Службен весник“ број 6 од 10.01.2020 година или поточно годинава кога е веќе почнато поднесувањето на завршните сметки за 2019 година. Ретроактивно да се носи акт даночна евиденција и известување за година која е измината е невидено и директно ја загрозува правната сигурност во Македонија, наведуваат од ССК.

За забелешката на Министерството за финансии за прагот за царинење на малите пратки, сметководителите одговараат дека не е исполнет основниот предуслов за системско решение со кое ќе се утврди каде оди стоката што се увезува со електронска трговија без царина.

(С.В.)