Сметките за струја во училиштата ќе ја активираат онлајн наставата!

449

Владата треба итно, преку Министерството за образование и наука, да обезбеди зголемување на блок-дотациите кои стигнуваат до општините со цел покривање на тековните трошоци како основна мерка, а да се размислува и за дополнителни кратки распусти за учениците во согласност со временските услови, бараат градоначалниците на неколку општини. Тие се против затворање на училиштата и воведување на онлајн настава поради енергетската криза по дискусиите во јавноста дека најдобро би било зимскиот распуст да трае два, а летниот еден месец, а во студените месеци училиштата да работат онлајн со цел да се заштеди енергија за топлење и за осветлување. Имено, дел од градоначалниците упатуваат апели до Владата за училиштата, кои се непрофитабилни институции, потрошувачката на електрична енергија да не се тарифира како индустриска, туку да се наплатува по цените како за домаќинствата. Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари веќе најави дека ќе бара и продолжување на училишните распусти.

– Како локална самоуправа ќе поднесеме две барања до Министерството за образование. Првото, зимскиот распуст да биде период декември-јануари, односно два месеца, а летниот распуст да трае околу месец и половина. Учебната година да заврши во јуни, а да започне на 15 август. Второто барање е училиштата да плаќаат како за домаќинствата, а не по тарифа за индустриска струја, изјави Таравари. Тој појасни дека трошоците за струја во изминатиов период се зголемени за пет пати и тоа создава голем товар.

Од Општина Аеродром, пак, најавија дека ќе обезбедат настава со физичко присуство, бидејќи сметаат дека е неопходно учениците да останат во училишните клупи, а секоја одлука спротивна на ова негативно ќе се одрази на целиот образовен процес. Оттаму потенцираат дека Општината го презема целиот товар кој ќе произлезе од трошоците за обезбедување настава со физичко присуство, доколку од страна на централната власт биде наложено.

– Сите основни училишта беа опремени со фотоволтаици, со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците, а неколку училишта добија енергетски ефикасни фасади – информираат од Општина Аеродром.

И градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, категорично е против затворање на училиштата.

– Кога се зборува за затворање на училиштата и воведување онлајн-настава, државата во прв план треба да ги стави граѓаните, односно како таа мерка ќе влијае на населението. Дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн-настава и што со оние кои немаат? Дали во време на ваква сериозна инфлација треба да ги изложиме граѓаните на дополнителни трошоци –  напиша Стефковски на „Фејсбук“.