Сменети петте закони – „Бехтел и Енка“ може да гради!

Собранието во паузата меѓу седницата за пратенички прашања ги изгласа измените на петте закони со што им се дава можност на конзорциумот „Бехтел и Енка“ да почнат со изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10Д

118

Собранието во паузата меѓу седницата за пратенички прашања ги изгласа измените на петте закони со што им се дава можност на конзорциумот „Бехтел и Енка“ да почнe со изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10Д.

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со  63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Македонија, сите по скратена постапка.

Претходно Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка посочи дека неговата пратеничка група ќе гласа против законите за реализација на автопатите за коридорите 8 и 10д, за како што рече, да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада „е покриен и целосно исполнет со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари и дека сите овие постапки и процедури за носење на овие закони и договори ќе бидат внимателно анализиран, ревидирани и процесуирани до адекватните институции по промената на власта во Македонија“.

Премиерот Димитар Ковачевски пред пратениците на вчерашната сесија за пратенички прашања во македонското Собрание, а пред изгласувањето на законите, бранејќи го проектот за изградба на четирите автопатски делници ги праша пратениците дали сакаат американски конзорциум да ги гради автопатиштата од коридорите 8 и 10-д или, пак, тоа да бидат кинески или руски конзорциуми?

Премиерот рече дека хистеријата што се прави за кочење на проектот не дава резултат „освен што фрла дамка врз најголемиот светски конзорциум, кој не само што ги има изградено најголемите патишта во регионот туку и пошироко од регионот“. Тој се осврна и на економскиот аспект од изградбата на коридорите. А, што се однесува за законските измени и новиот систем на градење, појасни дека се прави тоа за да се избегнат случаи на нефункционалност, како со изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, претходно објави дека државата ќе треба да плати дополнителни 11 милиони евра за ангажирање на најмалку петмина специјалисти за надзор за период од пет години.

– Изведувачот има право да ангажира специјалист или специјалисти во множина, чиј број ќе биде договорен помеѓу изведувачот и Владата, кои ќе имаат четири насоки на работа: создавање спецификации за автопатиштата, создавање студии за влијанието врз животната средина, студии за влијанието врз заштитеното богатство од УНЕСКО во Охридскиот Регион, како и разгледување на спецификациите на автопатиштата. Ова се најмалку четири спецификации, што значи дека најмалку пет вакви лица би имало ангажирано. Иако бројот е недефиниран, што значи дека може да се и 15 и 20 и 50 лица. Месечната плата ќе биде, ни помалку ни повеќе, 36.500 евра – рече Николоски.

Пратеникот од ВМРО – Народна партија, Љупчо Балкоски, рече дека ќе гласа „против“ и истакна дека ги поддржува програмите на Владата за изградба на инфраструктурни проекти, но посочи дека не го поддржуваат начинот на кој ќе се гради.

– Повторно доставуваме предлог до Владата и истовремено ја охрабруваме да донесе одлука за изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 8: од Куманово до ГП Деве Баир, затоа што предлог-законот го дефинира само делот од Тетово до ГП Ќафасан, а не целиот Коридор 8 и изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 10-д, од Велес – Прилеп – Битола до ГП Меџитлија. На ваков начин ќе добиеме целосно решение наспроти сегашното парцијално решение – рече Балкоски.

Откако ѝ беше доставен договорот на Антикорупциската комисија, кој го побара таа како дел од документацијата за предметот што го отвори по објавите за изборот на надзорот за проектот, вчера претседателката на Антикорупциската, Билјана Ивановска, објави дека договорот што им е доставен не е целосен и оти недостигаат прилозите. Договорот што им е доставен, како што информираше, има околу 200 страници. Иако ДКСК се обратила до Владата, добила одговор дека е истата документација што била испратена до Собранието.

– Ако дојдеме до заклучокот дека во тие прилози, покрај некои менаџерски специфичности што се однесуваат на фирмата, постои нешто друго, ќе ги побараме и нив – рече Ивановска, посочувајќи дека нема сознанија дали во тие прилози има нешто што е дополнителна обврска за државата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, праша дали Стево Пендаровски ќе ги потпише законите поврзани со коридорите и нагласи „дали ќе е верен на владеење на правото или ќе преовладува неговата одлука, односно поддршка за кандидатура на претседателските избори од СДСМ и ДУИ“.

(С.Бл.)