Словенија “плаче” по странски работници

71

Во Словенија има хроничен недостиг на работна сила во одредени индустриски гранки, бројот на барања за вработување на странци е зголемен за три пати од 2016 година, но проблем се долгите процедури за добивање на потребните документи, пренесува РТВ Словенија.

Со 12 отсто учество на странска работна сила, Словенија е над европскиот просек, а Стопанската комора на Словенија посочува дека Словенија има потреба од работници од странство, и ниско и висококвалификувани.

Меѓутоа, проблемот е што добивањето на потребните дозволи трае долго, а странците чекаат шест месеци или повеќе за работна дозвола. 

„За жал, Словенија е во крајно неконкурентна позиција кога станува збор за вработување странци. „Компаниите на кои им требаат работници со специфично знаење или од исклучително дефицитарни професии се загрижени дека поради процедурите, некои од потенцијалните кандидати би можеле да изберат пазари каде што овие процедури се помалку напорни и побрзи“, посочуваат од Стопанската комора на Словенија.

Од Министерството за државна администрација тврдат дека проблемот се решава на повеќе нивоа и наведуваат дека Министерството формирало и Меѓуресорска работна група за отстранување на административните пречки во областа на административните работи за странци, бидејќи миграциските процедури се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, додека политиката за вработување е во надлежност на Министерството.