Словенечката 10-часовна претстава „Сѐ уште без наслов” денеска на МОТ

95

По синоќешното отворање на 44. Млад отворен театар, на фестивалската програма денеска е необичен проект за театарската публика – претстава што трае десет и пол часа. Екипа од 13 актери на Словенско младинско гледалишче, меѓу кои е и режисерот на проектот Томи Јанежич, од 11 претпладне до околу 21.30 часот вечер на сцената во Младинскиот културен центар ќе ја изведат претставата „Сѐ уште без наслов”.

Во неа режисерот Јанежич прави микс на богата, слоевита целина, која дава нов поглед на безбројните верзии на „Дон Жуан” и донжуанизмот, зборувајќи за нашите радости, надежи, стравови и болки.

„Дон Жуан” кое е меѓу книжевните дела со најмногу адаптации е референтна точка во истражувањето на Јанежич и неговиот тим. Паралелно со материјалот создаден на проби, Симона Семенич го напишала текстот наречен „Сè уште без наслов”.

Оваа е единствената претстава на вториот ден од МОТ. Фестивалот утре продолжува со две домашни продукции: Од 20 часот во „Театар Комедија” Турски театар-Скопје ќе настапи со претставата „Три сестри” од Чехов во режија на Васил Христов која премиерно беше изведена во јуни.

На сцената во „Кино Култура”, пак, утревечер од 22 часот се перформансите „Moonlight” и „Dream State” на Центарот за нови иницијативи „Локомотива”.