СЛИКА ЗА МАКЕДОНИЈА – Висока корупција, вмешани функционери и бавна правда!

52

Корупцијата и натаму е најголема грижа за граѓаните во Македонија, но Владата презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција, стои во најновиот извештај на Стејт департментот за човековите права во Македонија во изминатата 2022 година. Во него, меѓу другото, се наведува дека иако во земјата има закон кој предвидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица, сепак, постојат извештаи за функционери кои се вмешани во корупција.

Клучните забелешки на американскиот Стејт департмент се за недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во затворите, насилство и закани за насилство врз новинари и закани за насилство насочени кон припадници на ЛГБТ-заедницата.

– Различни домашни и меѓународни групи за човекови права генерално работеа без владини ограничувања, истражувајќи и објавувајќи ги нивните наоди за случаите за човекови права. Владините претставници беа донекаде кооперативни и реагираа на нивните ставови – стои, меѓу другото, во извештајот.

Во однос на судството и пристапот до правдата, се наведува дека законот забранува произволно апсење и притвор и го предвидува правото на секое лице да ја оспорува законитоста на неговото или нејзиното апсење или притвор на суд, како и да добие надоместок за незаконски притвор. Владата генерално ги почитувала овие барања.

Уставот предвидува автономни и независни судови, но властите не секогаш ја почитувале судската независност и непристрасност. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството, продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судовите и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.

Според Судскиот совет, екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција; судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; има судии за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание; и конфликт на интереси во комбинација со непотизам. И обвинителите покажале непрофесионално однесување и корупција преку слабо гонење и намерно недоволно обвинение кое не е поткрепено со докази.

Судовите работеа со значително доцнење, особено во случаите на корупција од висок профил и повеќе обвинети. Судството и Јавното обвинителство останаа недоволно финансирани и недоволно екипирани, и покрај благото зголемување на нивото на финансирање. Од 30 август, Врховниот суд работеше со само 15 од 28 судии, стои во извештајот на Стејт департментот.

Во делот за слободата на изразување и медиумите, се констатира дека Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за медиумите, а Владата генерално го почитуваше ова право. Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), сепак, Владата покажала недостиг на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност. Во ноември, Јавното обвинителство Скопје (ОЈО) потврди дека назначило обвинител да служи како лице за контакт во врска со случаи во кои се вклучени новинари и да следи случаи во кои новинарите се појавуваат како оштетени страни, сведоци или престапници.

Се посочува дека законот забранува говор кој поттикнува национална, верска или етничка омраза и предвидува казни за прекршување. Поединци може да ја критикуваат Владата јавно или приватно. На 17 ноември, Парламентот едногласно го усвои Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со кој се воведе значително намалување на казните за медиумите и за новинарите во тужбите за клевета.

Медиумите и известувањата, според оценката на Стејт департментот, продолжија да бидат во голема мера поделени по политички линии, но бројот на независни медиуми кои активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува. Законите кои го ограничуваат говорот што поттикнува национална, верска или етничка омраза, исто така, ги опфаќаат печатените и радиодифузните медиуми, објавувањето книги и онлајн весниците и списанијата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и граѓанските организации регистрирале значителен пораст на „говорот на омраза“, вклучително и во социјалните и некои традиционални медиуми.