„Живееме во стресно време, кој како знае се справува со стресот и секојдневието, па оттука ми дојде идеја, да ја прашам јавноста како се справува со стресот. Објавив јавен повик на кој побарав секој индивидуално во кратки црти да напише како и на кој начин се справува со стресот. Интересот беше голем, но сепак морав да одберам 10 текстуални објави, врз база на кои креирав 10 акрилни дела“, вели за весникот ВЕЧЕР Аницин, кој веќе подготвува нова истражувачка мултимедијална изложба

 

Вие сте уметник кој предизвика внимание кај љубителите на уметноста со еден поинаков вид изложби, во кои активно ја вклучивте самата публика. Вашата последна изложба „Виножито на радоста“, одржана во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје е токму таква, интерактивна и несекојдневна со оглед дека се впуштивте во еден вид на истражување… Кажете ни за што всушност се работи.

„Виножито на радоста“ e проект во интеракција со публиката, интерактивен и мултимедијален проект. Велам мултимедијален концепт бидејќи ги обединува ликовните дела кои ги одразуваат психолошките состојби на „испитаниците“ заедно со избор на музички дела од повеќе жанрови (од класичната музика, делата на Шопен, Моцарт, Вивалди до реге) и видеопроекција на делата на алтернативниот простор надвор од салонот на Галерија „КО-РА“, пред објектот ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје. Преку јавен повик објавен на социјални мрежи се впуштив во еден вид истражување или експеримент во однос на тоа како и која боја влијае на публиката/испитаниците, која боја побудува радост, среќа…, а јас да „проговорам“ преку бојата и пигментот, да ги пренесам, преку бојата своите чувства, копнежи, желби, и стремежи. Па и оттука делата се именувани: „Двојно среќен“, „Емоционална математика“, „Страст“, „Се надевам дека сега си среќна“, „За радоста и маката“…  Оваа изложба е во насока на истражување на психолошките состојби кај публиката преку бојата.

Која беше целта на овој вид на комуникација со јавноста?

Целта е еден вид истражување за осознавање на емотивните и психолошки состојби на дел од учесниците вклучени во истражувањето, да искомуницирам преку бојата со „испитаниците“ како (автор-истражувач). И можам да кажам, целта е реализирана и тоа уште на самото отворање на изложбата – со бројната публика.

Ова не е и Ваша единствена изложба од ваков тип. Како дојдовте до една ваква идеја и како течеше нејзина реализација?

Се започна со „Личен печат“ со која се претставив во Графичкото студио при Музејот на град Скопје. Истата патуваше и во Гевгелија и беше изложена во Пионерскиод дом. „Личен печат” беше едно заокружување на мојот тогашен период на творење. Период во кој и раскинував на мојата прва љубов графиката, а се врзував со мојата нова љубов- акрилот и се почесто творев со акрилни бои. Следна изложба беше насловена „Авторефлексија низ игра“, која беше поддржана од Министерството за култура како проект од национален интерес. Истата беше прва од ваков тип на комуникација со јавноста.

Која беше главната инспирација, што всушност ве поттикна да се зафатите со еден ваков уметнички проект?

Живееме во стресно време, кој како знае се справува со стресот и секојдневието, па оттука ми дојде идеја, да ја прашам јавноста (моите следбеници) како се справуваат со стресот. Објавив јавен повик на кој побарав секој индивидуално, во кратки црти, да напише како и на кој начин се справува со стресот. Интересот беше голем но сепак морав да одберам 10 текстуални објави, врз база на кои креирав 10 акрилни дела. Со оваа изложба/проект „Авторефлексија низ игра” се претставив во Дом на млади-Штип, НУ Музеј на Тетовски крај-Тетово и Градски музеј-Крива Паланка, Дом на култура-Пробиштип,  Рок Бар Круг-Скопје. Имаше неочекуван интерес, тоа ме поттикна да продолжам понатаму. Следна изложба беше „Црно Шарено„ поддржана од Град Скопје и беше реализирана во Културно-информативниот центар во Скопје (КИЦ), но, за жал, во време за кое никој не ни помислувавме дека олку ќе трае, почетокот на ковид-пандемијата, како прва изложба реализирана за време на пандемија. За неколку месеци подоцна ја реализирав, Предоживувања низ музика” исто така проект поддржан од Министерството за култура. Со оваа изложба исто така имав интеракција со публиката/јавноста, објавив јавен повик на кој секој индивидуално требаше да испрати музичка нумера која ја „консумира“ при стресни состојби. Одбрав 10 нумери, кои ги слушав и творев, се претставив со 10 акрилни дела кои беа именувани по музичкото дело. Со оваа изложба се претставив во Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје. Публиката уживаше на отворањето, ги слушаше музичките дела и ги восприемаше уметничките дела. Следна од ваков тип е „Виножито на радоста“. Изложба или проект поддржан од Градот Скопје и реализиран во Дом на култура „Кочо Рацин„ – Скопје.

Колку сте задоволни од фидбекот што го добивте. Беше ли јавноста расположена за учество во еден ваков уметнички проект?

Искрено се изненадив од интересот на јавноста, како со нетрпение да очекуваат, за што ќе ги ангажирам следниот пат или што ќе биде следниот проект/изложба. Чекаат да видат дали нивното учество е одобрено/одбрано и согласно на тоа бараат да го видат ликовното дело. Затоа не запирам тука! Можеби треба и нив да ги прашам/консултирам или да ги вклучам околу изборот и содржината/концепцијата на некој мој следен проект/изложба.

Дали подготвувате нова интерактивна изложба и каква ќе биде нејзина концепција?

Секако дека продолжувам и понатаму со овој концепт и веќе сум во подготовка, концептуално за следната изложба. А за тоа каква ќе биде нејзината концепција засега нека остане тајна. (Д.Т.)