Слаѓана Милошевиќ од скопската „Принцеза“ до активен борец за заштита на уличните кучиња и мачиња -Пејачка со големо срце!

179

Рок-поп пејачката Слаѓана Милошевиќ беше една од најпопуларните пејачки во стара Југославија, имаше многу хитови, а најомилениот „Ти си принцеза…негде изван планета“ и денес е актуелен на многубројни забави. Го испеа премиерно во Скопје со рокерот Дадо Топиќ во „Универзална сала“ на југословенскиот Избор за „Песна на Евровизија“.                                                                                                                  Од тогаш до сега поминаа многу години….Слаѓана замина во Америка, па се врати назад во Србија, но набргу се разочара од турбо-фолкот кој тогаш се слушаше на секаде низ нејзината татковина. Дури за тоа јавно го обвини Саша Поповиќ за кој велеше дека неказнет го труе  народот со петпарачки песнички преку неговите тв-емисии.

Во меѓувреме Слаѓана станува и активен хуманитарен борец за заштита на правата на уличните домашни миленици, напуштените и незгрижените кучиња и мачиња.          Пред некој ден, испровоцирана од студот и снегот кои го завиткаа целиот Балкан таа јавно побара помош дури и од српската држава и претседателот Александар Вучиќ да направат сè што е во нивната моќ за да се заштитат од умирачка овие беспомошни пријатели на човекот:

– Се моли државата да ја поддржи хуманоста на своите граѓани. Температурите се длабоко под нулата и се сериозна закана за животот на овие наши искрени пријатели. Отворете ги влезовите од зградите, куќите, донесете им нешто за јадење, направете им малку топло место на смрзнатите мачиња и кучиња. Да ја покажеме хуманоста и нашата грижа кон незгрижените кучиња и мачиња, емотивно порачува оваа пејачка со, очигледно големо срце! (Д.М.)