Славниот Фатих Акин на „Браќа Манаки“: Насилството во филмовите не може да се избегне, тоа е сеприсутно

140

„Златна ракавица“ – најновиот филм на Фатих Акин и кинематограферот Рајнер Клаусман, кои како тандем работат повеќе од 15 години, беше прикажан на 40. ИФФК „Браќа Манаки“. Говорејќи за режисерската постапка во „Златна ракавица“, Акин објасни дека филмот го снимал според роман, а настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во неговото соседство, додека неговиот чичко бил прв сосед на убиецот

„Секој режисер на почетокот мисли дека е најдобар, и тој егоизам не е лоша работа, бидејќи потекнува од неговиот начин на живот во младоста, неговите пријатели. Во младоста имав други инспирации, денес имам други“, рече познатиот режисер Фатих Акин на денес одржаниот мастер-клас на 40. издание на „Браќа Манаки“, на кој тој учествуваше заедно со кинематограферот Рајнер Клаусман. Тие како тандем работат повеќе од 15 години.

Акин и Клаусман имаат снимено 8 играни филмови како тандем, почнувајќи од „Солино“ во 2002 г., „Со глава низ ѕид“ (кој во Битола освои златна „Камера 300“), „Работ на рајот“, „Соул кичен“, „Раз“, „Збогум Берлин“ и „Од никаде“ со кои Акин како режисер освојуваше награди на престижните фестивали во Венеција, Кан, Берлин… Клаусман, пак, е многу добро познато име во светот на кинематографијата со „Падот“ на Оливер Хиршбигл (сторија за последните денови на Хитлер со извонредниот Бруно Ганц), а последнава деценија и пол снима исклучително само со Акин. Во 2017 година ја доби „Сребрената камера 300“ на „Браќа Манаки“ за „Од никаде“, а минатата година беше член на жирито за филмовите во компетиција.

Потсетувајќи ги присутните за развојот на кариерата на Акин, директорката на „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, како модератор на мастер класот рече дека тој во светот на филмот влегол како актер, а потоа продолжил како сценарист, режисер и продуцент. Акин го запознал Клаусман кога имал 21-22 години и кога се обидувал да направи актерска кариера во средината на 90-тите години. „Клаусман беше мошне директен со упатствата на сетот и јас го запoзнав мојот кинематографер, бидејќи беше иновативен“, рече Акин. Клаусман, пак, сеќавајќи се на нивната прва соработка вели дека забележал дека Акин бил многу бистар како актер и брзо работел. Но, нивната прва заедничка работа како тандем режисер-кинематографер се случила на снимањето на третиот авторски филм на Акин, „Солино“. „Мене ми е многу битно да работам според мојот ритам, а Акин беше многу љубопитен за сè околу камерата и бргу учеше“, се потсетува Клаусман. Акин и Клаусман посочија дека за време на снимање тие многу брзо се согласувале околу евентуалните измени на сетот. „Пријателството со Клаусман трае многу долго, ние сме како во брачна релација. Сакам да учам нови работи, сметам дека најдобрите нешта што можат да му се случат во животот на човека се различните искуства. Кога романот ‘Чик’ стана бестселер, многу сакав да го екранизирам, но филмскиот проект со наслов ‘Збогум Берлин’ веќе имал режисер. Меѓутоа, шест недели пред да започне да се снима, режисерот отпаднал, па ме ангажираа мене. Филмот веќе имал формирана креативна екипа, со друг кинематографер. Почнав да го снимам, но по три недели и по сложена правна постапка – бидејќи договорите беа потпишани – успеав да го добијам Клаусман како кинематографер во екипата. Убаво е да си ‘во брак’ со Клаусман“, низ смеа објасни Акин.

Инаку, во чест на специјалните гости на ИФФК „Браќа Манаки“, режисерот Фатих Акин и кинематограферот Рајнер Клаусман, синоќа во Битола имаше специјална филмска проекција на нивниот најнов филм, контроверзниот треш-хорор  „Златната ракавица“ (2019), инспириран од вистински настан, според романот на Хајнц Штрук, за кој филмските критичари нагласуваат дека годинава ја шокирал публиката во Берлин, како бизарен и тежок филм. Говорејќи за режисерската постапка во „Златна ракавица“, Акин објасни дека филмот го снимал според роман, а настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во неговото соседство, додека неговиот чичко бил прв сосед на убиецот Франц Хонка. „Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни. Прашував психолог за тоа што имало во главата на овој убиец, а тој ми одговори – ништо!“, објасни Акин. Акин и Клаусман објаснуваа и детали за сценографско-кинематограферско-режисерските решенија околу стеснетиот простор на руинираниот тавански стан во кој главно се одвива хорор-драмата во „Златна ракавица“. „Сценографското решение за големината на станот е за околу 1 метар пошироко од оригиналниот, меѓутоа како што ги снимавме сцените така го стеснувавме просторот со поместување на ѕидовите“, вели Акин. На прашањето како ја објаснува индиферентноста на околината на серискиот убиец и можноста тој да дејствува цели 5 години, и дали таков случај може да се повтори денес, Акин вели дека верува дека може.

Приказната хронолошки започнува во 1968, тоа е таа бунтовна генерација, меѓутоа само во кругот на факултетски образувани млади луѓе и интелектуалци. „Во оваа сторија имаме ниска класа која е потоната во алкохолизам во намерата да се заборави минатото и Втората светска војна. Јас и ден-денес живеам во истиот тој кварт, за разлика од порано, кога беше третиран како гето на имигранти, денес е фенси дел од Хамбург. Тогаш никој не би се осврнал на забелешките на турските гастарбајтери дека нешто ужасно смрди во соседниот стан, бидејќи тогаш би им рекле дека самите Турци смрдат“, вели Акин. На прашањето за насилството во неговите филмови, Акин вели дека тоа не може да се избегне како сеприсутно во нашето опкружување, кој посочува дека како млад човек сакал гангстерски филмови.

Во разговорот што траеше час и половина се вклучи и кинематограферот Едвард Лакман, лауреат на годинешното издание на „Браќа Манаки“, кој на Акин и Клаусман им порача: Снимајте на филмска лента! На тоа Акин му одговори дека многу би сакал да снима на филмска лента, но денес киносалите се веќе полупразни и публиката е навикната на дигиталната слика, а продуцентите постојано ги намалуваат буџетите. Лакман, сепак, им даде практични совети како да ги задоволат продуцентите, а сепак да снимат филм на лента.

Инаку, Акин моментално работи на мини-серија за животот на легендарната актерка во Европа и Холивуд од 30-тите години на минатиот век Марлен Дитрих, смета дека некогаш карактерите ја водат сторијата на филмот, а некогаш приказната ги формира карактерите.