Славната пејачка Тереза го прослави својот 81. роденден!

414

Со многу смеа, радост, солзи радосници, со песна, со славеничка торта и со многу цвеќиња и подароци, својот 81. роденден го прослави во кругот на поширокото семејство, легендарната пејачка од Дубровник, Тереза Кесовија. Не е ни најмалку мала работа кога се прославува една ваква бројка од животот, особено ако тоа е возбудлив (професионален и приватен) живот на пејачката која на просторите на поранешната југословенска естрада оставила траен белег.

Тереза на музичката сцената е присутна 60 години. Првпат запеа на фестивалите во Опатија, Сплит, Загреб, Сараево и Белград и веднаш се закити со победите, освојувајќи ја публиката од Вардар до Триглав со хитовите: “Знам дека има една патека“, „Зборувај тивко“, „Музиката и ти“, „Кога ќе пораснеш сине“, „Твојот глас“, „Моите солзи“, „Паркови“, „Сите моите пролети се во мене“, „Авантура“, „Што остана од љубовта“, Нежните струни на мандолината, „Сонот на јулската ноќ“, „Сакај ме, сакај ме“, „Утре е нов ден“, „Песната на Лара“, „Бакни ме од двете страни на лицето“, „Свири ми свири“, „Нека пловат бродовите“, „Те молам остани“…..

и секако најголемите: „Пријатели стари каде сте“, “Младост мојата убава радост“, „Ноно добар мој ноно“,“Старите љубови“, „Сончеви фонтани“, „Заборави ако можеш“, „Мојата последна и прва љубов“. На роденската забава Тереза беше свечено, но и како секогаш трендовско-младешки облечена, со препознатлива фризура “ла Кесовија“, ветувајќи им на сите дека не се повлекува од естрадата, демантирајќи ги така некои медиуми, а велејќи дека ќе пее до последен здив. Двапати настапи и на “Песна на Евровизија“ како претставничка на Кнежество Монако и на СФР-Југославија. Тереза, приватно, зад себе има два пропаднати брака, го има 57-годишен син Алан, внуката Мила, снаата Љиљана, а пејачката е инаку позната и како голем заштитник на животните, така да во својот дом има и пес-миленик.

– Музиката и песната во комбинацијата со мојата верна публика низ поранешна Југославија, како и онаа во Франција, ми се сè во животот. Без песната би била како птица без крилја. Веројатно затоа и постојам толку години на сцената, од како знам за себе: од полињата на моето родно дубровничко Конавле, па до светлата на легендарната париска „Олимпија“, загрепски „Лисински“, белградски „Сава-центар“, раскажала Тереза, забележливо расположена.

Инаку, за потсетување: Тереза и во Македонија често настапува, со секогаш полни концерти (најчесто во „Универзална сала“), а во далечните 70-ти години на “Скопскиот фестивал“ ја пееше на македонски јазик песната од композиторот Александар Џамбазов, „Охрид и јас“. Пред околу 5 години со нашите браќа Тавитијан на нивното цд-издание “7/8“ маестрално ја отпеа култната стара македонска “Ајде, слушај, слушај Калеш бре, Анѓо“, која многу порано Кесовија ја има испеано и на француски јазик, додека активно настапуваше во Париз на француската естрада.      Дуле М.