Слаб интерес за предновогодишни журки, цените во кафеаните отидоа до плафон

Ако до пред некоја година уште во ноември се знаеше каде се организираат пладневни настани или вечерните забави, денес имаме ситуација во која дури ни на 1 декември голем број фирми не донеле одлука дали и каде оваа година ќе ја организираат својата корпоративна предновогодишна забава. Последните години се поочигледно е дека предновогодишните настани се организираат последната недела пред Нова година, кога традиционално се бара место плус во реномираните угостителски објекти и кога гужвата која се создава и цената која треба да се плати нема никакво влијание, сè со цел само да се влезе и да се биде дел од самиот настан, изјави за ВЕЧЕР, Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора

540

Слаб интерес за организирање предновогодишни забави од страна на компаниите. Голем дел од компаниите во државата се погодени од економската и енергетската криза и немаат пари за организирање на вакви забави. Но, и зголемените цени на угостителските услуги си го направија своето и дополнително го намалија интересот од вработените сами да се организираат и да отидат некаде да прослават. И угостителите потврдуваат дека и покрај тоа што веќе е декември голем број фирми не донеле одлука дали и каде што оваа година ќе ја организираат својата корпоративна предновогодишна забава. Но, сепак велат дека желбата и потреба за предновогодишни дружења и забави тешко дека ќе се смени и покрај високите цени.

-Ако до пред некоја година уште во ноември се знаеше каде се организираат пладневни настани или вечерните забави, денес имаме ситуација во која дури ни на 1 декември голем број фирми не донеле одлука дали и каде оваа година ќе ја организираат својата корпоративна предновогодишна забава. Последните години се поочигледно е дека предновогодишните настани се организираат последната недела пред Нова година кога традиционално се бара место плус во реномираните угостителски објекти и кога гужвата која се создава и цената која треба да се плати нема никакво влијание се со цел само да се влезе и да се биде дел од самиот настан, изјави за ВЕЧЕР, Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.

Покрај фактот што дел од фирмите во државата изминатиот период сè потешко остваруваат доволно приходи од своето работење има и такви кои можат да си дозволат да организираат предновогодишни забави за своите вработени и за тоа издвојуваат одредени буџети. Но последниве години буџетите за организирање на корпоративни предновогодишни забави се намалени, а цените на угостителските услуги отидоа до плафон.

– Иако на прв поглед поголемиот дел од гостите и фирмите ќе забележат дека цените за организација на овие настани се отидени астрономски нагоре во принцип истите не кореспондираат линеарно со зголемените трошоци на работењето и зголемените цени на суровините. Впрочем, и угостителскиот бизнис и економија како и сите останати сектори функционира на принципот понуда и побарувачка. За оние објекти за кои има зголемено барање за организација на овие настани можат да имаат зголемени цени приспособени на условите и програмата што ја нудат, додека останатите ќе треба да ја прилагодат својата понуда спрема барањата на гостите и фирмите, велат од НУК.

Како и секоја година и оваа година можат да се најдат стандардни и универзални менија за ручек, вечера или коктел прослави по угостителските објекти. Додека едни менија се ограничени на типот на пијалаци или храна која се консумира сè повеќе се појавуваат менија во кои се нудат и неограничено пиење или храна по принцип на шведска маса. Цените се различни, така на пример има угостители кои нудат почетни менија од 600 денари, но има и угостителски објекти во кои премиум менијата можат да достигнат и до 6.000 денари по лице. Многу е важно да се разграничи што е вклучено во цената, каква програма се нуди за тој ден или за самиот настан и забава, дали има жива музика.

-Ако направиме споредба на цените на минатогодишните менија со овогодишните ќе видиме дека истите се од 30 до 70 отсто повисоки при што многу зависи денот и времето кога се организираат ваквите настани. Сепак желбата и потреба за предновогодишни дружења и забави е толку многу вкоренета во нашиот ген, па тешко дека ќе се смени и покрај високите цени. Единствена разлика е што младите и останатите гости поради економската криза и ситуација во која се наоѓаат, нема да можат да си ги дозволат истите понуди, бенефити и забава за време на овие настани, туку консумацијата на храна и пијалак ќе си ја приспособат на својот скромен буџет со кој располагаат, додава Јосифовски.

Предновогодишните забави кои годинава за првпат после две години ќе можат да се организираат помасовно и без никакви ограничувања делумно ќе ги надоместат загубите кои ги претрпеа угостителите поради двегодишната пандемија.

(А.С.)