Од ден на ден во јавноста се појавува по некој нов детал од истрагата за хеликоптерската несреќа во која животот го загуби еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Коби Брајант.

Откако се појавија информации дека сите девет лица им подлегнале на таканаречените тапи повреди кои настанале кога хеликоптерот удрил во земја и експлодирал, сега пристигна информација дека пилотот Ара Зобајан не бил под дејство на алкохол, дрога или било какви супстанци.

Прецизните резултати на крвта од сите девет жртви покажаа дека само едно лице користело лек за стимулирање на нервниот систем. И тоа токму Коби Брајант, кој заедно со својата ќерка замина на другиот свет. Трагите од метилфенидат, кои биле пронајдени во крвта на славниот кошаркар, се продаваат како лек риталин и служи за контрола на нарушувања на хиперактивност и нарколепсија (нарушувања на спиењето).

Извештаите за загинатите лица биле брутално детални. Тие покажаа колку бил силен ударот опишувајќи ги скршените коски на мртвите патници, разделените делови од телото и смрдеата на горивото на остатоците од облеката која горела.

Истрагата за оваа голема несреќа и понатаму продолжува. Во документот од 180 страници направена е детална анализа на местото на несреќата, но причината се уште не е позната. Заклучокот е дека сите девет лица кои биле во хеликоптерот „Сикорски С-76Б“ што паднал на ридско подрачје пред градот Калабасас западно од Лос Анџелес, починале поради тапа траума, поточно, од ударот во земја и експлозија на хеликоптерот.