„Скопје 2020“ на Синедејс: Филм кој може да го гледате секој ден кога ќе излезете од дома

207

„Скопје 2020“ е насловот на краткометражниот македонски филм (21 мин.) во режија на Радован Петровиќ, кој ќе биде прикажан на 10 ноември, во 19 часот, во кино „Фросина“ во рамки на 18. издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“.

Продукција е на „Кино Око“, а во него играат Верица Недевска, Зоран Љутков, Ториан Азгур, Анастасија Аневска, Катерина Коцевска, Стефанија Митовска, Петар Стојанов, Љубиша Гавровски, Дејан Ристовски, Ивана Петровиќ.

Во филмот станува збор за семејство што живее во најзагадениот главен град во Европа, Скопје, и кое се мачи со одлуката да се исели или да остане во родниот град.

„Семеен филм за начинот на живеење во едно од најубавите годишни времиња во главниот град. Голема благодарност до властите, кои со својата стратегија за справување со загадувањето ни овозможија одлични услови за снимање. Немаше потреба од дополнителни специјални ефекти и компјутерска обработка на сликата“, велат иронично творците на филмот кои додаваат дека филмот може да се погледне не само на Синедејс туку и секој друг ден од годината кога ќе излезете од дома.