Во рамките на Скопје џез фестивал утревечер (17 октомври) ќе можат да се проследат три атрактивни концерти. Во Националната опера и балет, од 20 часот ќе се претстави Сашо Поповски трио.

Поповски е македонски џез-гитарист и композитор кој во својата досегашна кариера има настапувано на повеќе џез-фестивали во Европа, а соработувал и со повеќемина реномирани џез-уметници. Тој е актуелен раководител на Џез одделот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во досегашната своја кариера Поповски снимил пет албуми со различни македонски музичари, автор е на многу соло композиции и на музика за филм и театар. Неговиот актуелен трио проект ги вклучува искусниот Иван Бејков на контрабас и младиот Виктор Филиповски на тапани. Музиката на Поповски има чисти линии, сложени структури и развиена фантазија. Ритмички и мелодиски, таа потсетува на ориентални обрасци, што ја прави малку мистична.

Од 21.30 часот пак, во салата на НОБ ќе настапи Белмондо квинтет (Франција). Има ли некој кој не ги познава браќата Белмондо? Стефан, со стилската возбудливост на Чет Бејкер и Фреди Хабард, еден од најлиричните трубачи во светот и најпочитуваните музичари од оваа страна на Атлантикот. Лајонел, тенорот и саксофонист кој ја обедини музиката на Лили Буланже и Јусеф Латиф, поврзувајќи ја спиритуалноста на Колтрејн со француските литургиски традиции…

Од 23 часот пак, ќе може да се проследи онлајн стриминг од концерт во Њујорк специјално за Скопскиот џез фестивал, на дуетот Крис Дејвис и Ингрид Лауброк.