Скопје ја доби првата тартан патека околу малото езеро

264

Граѓаните на Скопје од денеска имаат можност да се рекреираат на првата тартан патека што е оформена околу малото езеро во вториот дел од Градскиот парк, во еден од најживописните делови на паркот. Патеката е наменета за сите граѓани, а не само за професионалните спортисти.

-Патеката има кружна форма, долга е 534 метри и ќе послужи вљубениците во трчањето, оние што трчаат на Скопскиот маратон, но и рекреативците, да ја имаат вистинската подлога за нивната активност. Ако има интерес и увидиме дека граѓаните ја користат, Градот Скопје планира ваква кружна патека да направи и околу големото езеро во Градскиот парк. Внимававме граѓаните патеката да можат да ја користат и во текот на ноќните часови, односно, таа е целосно осветлена – изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната промоција на новата тартан патека во Градскиот парк.

Тој ги повика граѓаните да ја искористат оваа можност што ја нуди Градот за рекреација и за поздрав живот и нагласи дека сенките од околните дрвја ја штитат патеката од директните сончеви зраци, што ја прави атрактивна и за во летниот период кога многу граѓани го користат паркот за прошетки, одмор и рекреација.

Околу тартан патеката е поставена и соодветна урбана опрема и придружни содржини – инфо табли, чешми, клупи и корпи за џебен отпад.