Скопје ја доби првата Мала урбана шума на Балканот

222

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска денеска, во дворот на Институтот за патофизилогија и нуклеарна медицина, присуствуваше на презентацијата на резултатите од имплементација на проектот „Мали урбани шуми“ .

Проектот го реализираше невладината организација „Зелена планета за сите“, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, кое ги препозна придобивките од употреба на методата на создавање на мали урбани шуми и одвои средства преку Програмата за инвестиции во животната средина за 2021г., и партнерите ЈЗУ Институт за патофизиологија и нуклеарна медицина „Исак Таџер“ и Градинарскиот центар „Фоја“.

Оџаклиеска се осврна на фактот дека градежната експанзија во урбаните средини го намалува просторот за зелени површини околу објектите, го зголемува аерозагадувањето, го намалува природното проветрување и капацитетот на природата за апсорција на штетни гасови, меѓутоа и дека постојат решенија кои го надополнуваат зеленилото, како што се зелените кровни градини и ваквите мали „џепни“ урбани шуми.

– Денес, Скопје ја доби првата Мала урбана шума на Балканот. Тоа е овозможено со методот воведен од јапонскиот ботаничар, Акира Мијаваки, заснован на ремедијација на просторот со автохтони сорти на дрва и грмушки, а придобивките се признати и потврдени и од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Очекувам дека оваа мала зелена оаза ќе биде добар и мултиплициран пример на пејсажното уредување во нашите градови бидејќи дава повеќекратни придобивки за многу краток временски период – истакна заменик министерката Оџаклиеска.

Во рамки на настанот беше организирана посета на Мијаваки шумата во дворот на Институтот, а присуствуваа повеќе високи гости, меѓу кои заменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски и амбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија, Н.Е. Хиронори Савада, кој воедно направи и увид во медицинската опрема набавена преку јапонската „Грант програма за мали проекти“ (ГГП), ехо-апарат кој се користи веќе две години и кој овозможува најсовремена форма на ултразвучна дијагноза, со цел да се избегнат комликациите кај пациентите со заболувања на штитната жлезда.