Скопје се ослободи од еден загадувач: Исчистено и продадено ракетното гориво во Ново Село и Волково

213

Скопје се ослободува од двете најголеми еколошки жешки точки кои метрополата со години ја држеа во клинч. Станува збор за неколку тони застарено ракетно гориво за градобијни ракети и друг експлозивен материјал што со децении лежат во Ново Село и Волково, како и двете депонии со канцероген линдан во дворот на ОХИС.

Од Владата соопштија дека неколкуте тони застарено ракетното гориво и експлозивните ствари што беа имот на поранешната компанија АД „Теас-Темко“ веќе се отстранети од територијата на нашата држава.

– За овој материјал првично беа побарани 850.000 евра. Но, наместо трошок за граѓаните на нашата земја, Владата организираше постапка за продажба и чистење на теренот, согласно процедурите за управување и транспортирање на опасни материи, без ниту денар надомест за компанијата што ја спроведе постапката – стои во соопштението.

Постапката за повик и избор на понуда за оваа акција, се посочува, ја спровел Генералниот секретаријат, постапувајќи согласно заклучокот на Владата донесен на 118-та владина седница, при што била прифатена понудата на компанијата „Трајал“ од Србија.

На 11 овој месец ќе биде затворен Меѓународниот тендер за избор на технологија за отстранување на линданот и неговите изомери од кругот на ОХИС.