Скопје сардисано со депонии, никој не мрда со прст!

180

Скопје е сардисано со диви депонии кои горат и шират неподнослива миризба. На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат фотографии од запалени депонии, како што се онаа над Арачиново и Вардариште. Но, диви депонии во помал обем има и на други локации низ градските населби, па дури секојдневие ни се сликите од расфрлан градежен шут околу контејнерите за отпад, искористен и стар мебел, облека, кујнски апарати….

Активистите на еколошки здруженија постојано алармираат на ваквите состојби, но сѐ се одвива според народната: кучињата лаат, карванот си врви.

– Ќе се разбудат ли конечно државните службеници дека диви депонии – сметилишта не смеат воопшто да постојат. Општините на чии територии постојат треба да ги преземат сите мерка за нивна дислокација и ревитализација на тој простор, додека трае санирањето потребно е тие области да се обезбедат, за да нема повторување на криминалните активности – како трупање отпад и палење. Едноставно е, помала цена е ова да се направи отколку цената што се плаќа зо здравјето и купување на време со префрлање одговорности и изнаоѓање изговори да не се мрдне од фотелја – реагираат активистите од 02 Иницијатива.

Оттаму нагласуваат дека работите мора да се решат и коментираат дека ако инспекторите, полицијата и сите надлежни институции кои мора да бидат на терен со конкретни резултати не си ја работат својата работа, постои Јавно обвинителство, Народен правобранител, Инспекциски совет, локална самоуправа, Влада.

– И никој ни да мрдне со прст, се чудат колку бил голем проблемот што не знаат од каде да почнат, побрзо Марс ќе се насели отколку ние да имаме функционален систем за управување со отпад. За каква Европа зборуваме? Зар некој ќе ни даде пари да си го средиме сопствениот ѓубре кога и тие што се платени со нашите пари не мрдаат со прст. Ги подржуваме граѓаните и ги повикуваме да почнат овие злодела да ги пријавуваат и во ЈО, ако во нашата татковина не се секираат за овој проблем и не гледаат криминал, меѓународните судови ќе им ги отворат очите – нагласуваат од 02 Иницијатива.

(С.Бл.)