Скопје кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарувањето на преживеани под рушевините

146

Во договор со градоначалникот на Тирана, Град Скопје кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарувањето на преживеани под рушевините.

– Правиме се’ што е можно за помош во овие трагични моменти. На утрешната седница на Советот на Град Скопје, ќе побарам советниците да донесат одлука за доделување на помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Драч, Албанија. Имајќи во предвид дека за оваа одлука веќе се координирав со советничките групи во Советот, очекувам дека одлуката ќе биде едногласно донесена. Скопје е град на хуманитарноста. Да помогнеме кога на другите им е потребна помош – напиша Шилегов на својот фејсбук профил.

Скопјани ја поздравија иницијатива, но нагласуваат дека во овие тешки моменти на Драч му е многу повеќе потребна човечка помош.

– Повикајте го Црвениот крст и делувајте заедно и координарано. Црвениот крст има обучени волонтери за разни видови природни катастрофи, така што тие најмногу можат сега да помогнат. Не е лошо да направите акција за доброволно пријавување за помош на настраданите луѓе, тој што сака и може да оди да им помогне на лице место. Барем толку можеме да помогнеме на соседите – стои во реакциите на скопјани.

Од Црвениот крст на Град Скопје велат дека најпрво треба Црвениот крст на Република Албанија да направи проценка, па потоа ќе се направат активности за да им се помогне што е најпотребно.

– Секогаш првичните активности се спасување на затрупаните, повредените и расчистување на теренот е работа на Црвениот крст на Република Албанија. Дури потоа се прави проценката и оттаму се обраќаат до нас – изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.

Во рамки на проектот „Соседите помагаат први“, Црвениот крст ќе донира 600.000 денари, како првична помош на градот Драч.