Скопјани најмногу се возат со олдтајмери и дизелаши

362

Осум од десет автомобили со кои се возат скопјани се произведени пред 2005 година, а половина од нив се на дизел-погон и не ги задоволуваат европските еколошки норми. Во скопскиот регион имаме дневно околу 450 илјади патувања само со автомобили чија просечна старост е 19 години. Иста е состојбата со автобусите. Над 80% од нив се произведени пред 2008 година и се со просечна старост од 18,7 години, покажуваат статистичките податоци

Сообраќајниот метеж, зголеменото загадување и бучавата се дел од „придобивките“ на развојот на градот, за кои, среде пандемијава со коронворусот, изборите и летово, никој не зборува како да се надминат. Кога ќе дојде есен, а мерните станици кога ќе почнат да прикажуваат енормно аерозагадување, тогаш ќе се подигне свеста кај скопјани и кај надлежните кои ќе ветуваат „брда и долини“ за надминување на проблемот, и сè така до пролет.

Еден од големите загадувачи на воздухот во Скопје се издувните гасови на возилата. А со каков возен парк располагаат скопјани и фирмите во градот, може да се погледнат податоците на Државниот завод за статистика. Публикацијата за транспорт на Државниот завод за статистика која се однесува на состојбата во 2015 година покажува дека осум од десет автомобили со кои се возат скопјани се произведени пред 2005 година, а половина од нив се на дизел-погон и не ги задоволуваат европските еколошки норми. До денес, не е подобрена оваа статистичка сообраќајна слика туку, напротив, само е влошена.

Последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) што се однесуваат за 2018 година покажуваат дека од вкупно регистрираните 173.421 возило во главниот град, дури 149.483 се патнички автомобили. Скопје е преплавен и со други превозни и транспортни возила, а од нив 908 се автобуси, 5.811 мотоцикли, 15.197 се товарни возила и што уште не.

– Ако се земе дека во 2018 година бројот на патничките автомобили во Скопскиот регион е околу 150 илјади и ако просечно се прават три патувања на ден со автомобил (во 2010 година имаше 2,88 патувања на ден со автомобил), тогаш добиваме дека во Скопскиот регион имаме дневно околу 450 илјади патувања само со автомобили чија просечна старост е 19 години. Иста е состојбата со автобусите. Над 80% од нив се произведени пред 2008 година и се со просечна старост од 18,7 години – покажуваат статистичките податоци.  

Грото од овие возила исполнуваат „еуро 3“ еко-стандард бидејќи дури од 1 јули 2016 година се доволи увоз на стари автомобили со најмалку „евро 4“ норма. А, колку овие возила се далеку од највисокиот „евро 6“ стандард се гледа од следнава споредба. Нормата „еуро 3“ од јануари 2000 година ги ограничува азотните оксиди на 500 мг/км, како и на количината на ПМ честички чад на 50 мг/кг. Актуелната норма „еуро 6“ ги поместува овие граници многу понапред, на 80 мг/км за азотните оксиди и 4,5 мг/км за ПМ честичките чад.

Прелистувањето на статистичките податоци ни открива загрижувачка состојба. По скопските улици огромен процент сообраќаат возила на „дизел“ погон. Тоа се во најголем број половни возила што исполнуваат стари, или воопшто не исполнуваат еколошки норми, а кои Европа забрзано сака да ги тргне од своите патишта. Ова придонесе да се зголеми потрошувачката на дизелот, а со тоа и на емисијата на штетни материи и прекумерно загадување на животната средина.

– Така, од регистрираните околу 150.000 автомобили во метрополата, најголем дел или 82.650 се бензинци, а 64.671 се со дизел мотор и уште 38 возат на мешавина или речиси половина од возниот парк. Уред за погон на авто-гас имале вградено 2.096 автомобили, а 28 од регистрираните биле хибридни и електрични возила – кажуваат статистичките податоци.

Дека Скопје е преплавено од „дизелаши“ говори и следниот податок. Во главниот град има и 11.249 товарни автомобили (од вкупно 15.197) што користат нафта за погонско гориво и 832 автобуси (од вкупно 908 регистрирани автобуси). Ако ги додадеме на овие бројки камионите, работните и влечните возила и трактори, се добива речиси идентичен број на возила на бензин и дизел. Дополнителен притисок прават и големиот број на возила од внатрешноста кои секојдневно доаѓаат во главниот град.

Секторот за животна средина во Град Скопје деновиве излезе со совети како да се намали користењето на автомобилите и да се премине на возење со велосипед. Според анкетата што ја направиле со жители на Скопје, дури 56,65% изјавиле дека користат сопствени автомобили како основно средство за превоз до секојдневните дестинации.

– Како резултат на возењето во такви услови на голем сообраќаен метеж, огорувањето на горивата е поголемо и на тој начин драстично се зголемува создавањето на стакленички гасови меѓу кои е ЦО2 – велат од Град Скопје. 

Оттаму препорачуваат двајца-тројца колеги при одење или враќање од работа да користат едно возило со што, бројот на возила на улиците ќе се намали за една третина.

– Погледнете дали вашиот работодавец ќе ви овозможи да работите од дома еден ден во неделата – така на годишно ниво ќе ги намалите своите емисии на јаглерод диоксид за цел еден тон! За кратки патувања препорачуваме одење пешки или возење велосипед – ова ќе ви помогне да го подобрите вашето здравје и да го намалите јаглеродот. Возење 1,5 километар велосипед наместо автомобил е еднакво на 290 грама ЦО2 помалку во воздухот – наведуваат од Град Скопје.

Во Скопје има само триесетина еко-автобуси

ЈСП – Скопје деновиве пушти во сообраќај 25 автобуси на гас, со што вкупната бројка на еколошки возила изнесува вкупно 30. Но, тоа не е речиси ништо во споредба со 832 автобуси кои сообраќаат на нафта и 65 на бензин.

– Новите автобуси се енергетско ефикасни, во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на еуро 6. Овој тип на автобуси е прогласен за еко-автобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ бидејќи емитуваат значително помалку ЦО2 и  речиси воопшто не го загадуваат воздухот – појаснија градските власти.

Уште осум автобуси до вкупно 33 (21 нископоден со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни со поединечен капацитет од 149 патници), според договорот, треба да пристигнат месецов.

Омиленото скопско превозно средство, кој со кацига, кој со гола глава!

Мотоциклот дефинитивно им е омилено превозно средство на Скопјани. Во летните горештини наместо со автомобил, многумина го одбираат моторот како средство за возење низ град, кој со кацига, кој со гола глава. Во главниот град има регистрирано 5.811 мотоцикли.

 

Најцентарската општина со најмногу возила

Интересен е и следниот податок. По улиците булеварите во централното градско подрачје се создаваат и најголемите гужви и застои во сообраќајот. А токму во општина Центар е најголемиот број на регистрирани автомобили (23.414), од нив 8 се електрични возила. Следува Аеродром со 22.876 автомобили, но без ниту едно еколошко возило. Карпош има 21.324 автомобили и 13 се на електричен погон, Гази Баба (19.739), Кисела Вода (18.538) и по околу 11 илјади имаат Бутел, Ѓорче Петров и Чаир. Најмалку патнички возила се регистрирани во Шуто Оризари, само 2.568.

Светлана Блажевска